На Јувентус му враќаат 15 бода?

Неверојатна вест доаѓа од Торино. Пред реваншот на Јуве со Спортинг во 1/4 финале на Лига Европа во Лисабон, во средата Вишиот спортски суд после трочасовно сослушување не донел конечна одлука, но големи се шансите на Јуве денес да му се прифати жалбата и да му се вратат одземените бодови поради финансиски малверзации.

Цела Серија А чека развој на настаните и исход од денешното судско рочиште кога Јувентус треба да го дознае одговорот на жалбата да му се вратат 15 одземени бода, пишува Асошијејтед прес.

ШТО БИДНАЛО?

Во изјава пред таканаречениот Колеџ за Гаранција во спортот, Генералниот обвинител за спорт Уго Таусер рекол дека казната за торинскиот клуб за финансиски малверзации и прикажување лажни сметки „има недостиг на јаснотија во мотивацијата која мора да биде испочитувана и проценета со нова пресуда“. Тој посебно нагласил: „Во однос на бодовната казна за екипата, постои недостаток кој ќе се процени во новата пресуда на Федералниот суд“.

Ова ги подгреало надежите на сите навивачи на најтрофејниот италијански клуб.

Вакво нешто би значело и драстична промена на табелата, па Јувентус од седмо место со +15 бода би се искачил дури на трето место, позиција која води во Лига на шампиони од следната сезона.

Обвинителите побарале предметот да биде пратен на друг суд за ново рочиште што значи дека Јувентус макар привремено би можел да ги добие назад бодовите. Клубот од Торино бара случајот да биде отфрлен во целост.

Целата приказна датира од пред две години кога во време на глобалната пандемија, управата на Јувентус „под маса“ им плаќала дел од платите на фудбалерите и прикажувала лажни извештаи во завршните сметки.

Во тој период многу спортски клубови побараа од играчите да се солидаризираат и да прифатат намалување на платите, а во Јувентус, како и во други клубови, некои играчи прифатиле некои не.

Поранешниот претседател на клубот Андреа Ањели и уште 11 лица се соочија со обвинение и на крајот беа прогласени за виновни по неколку точки: лажни извештаи за компанија на Миланска берза, попречување на агенциите за надзор, лажни сметки и пазарна манипулација.

Откако во јавноста се откри случајот и се отвори истрага, неколку членови на управата на Јуве меѓу кои поранешниот претседател Андреа Ањели и техничкиот директор Фабио Паратичи добија суспензии и казни да не можат на извесен период да бидат во фудбалот.

Јувентус тогаш во јануари годинава беше казнет со одземање 15 бода со што падна на табелата. Бјанконерите демантираа работење на црно и се жалеа до Вишиот спортски арбитражен суд во Италија и во Олимпискиот комитет на Италија.

20 април 2023 - 10:58