Once a Blue

„На 13 години спиев во пижами со боите на Евертон“

Руни се врати во Евертон од каде во 2004-та премина во Манчестер. Низ годините: рекорди, најубав гол во историјата на Премиер, тренер кој го стави во средниот ред, Лига на шампиони, замерки со Боби Чарлтон...

Толку многу работи што заборавивме како сè започна.

Да тргнеме од рекордите кои не се бришат и остануваат вечни. Чисто да дадеме идеја за каков играч зборуваме: најдобар стрелец на Манчестер Јунајтед во сите официјални натпреварувања (253 гола), фудбалер кој постигна најмногу голови во Премиер лигата во ист дрес (183, со Јунајтед), најдобар стрелец во историјата на англиската репрезентација (53 гола).

Тоа е Вејн Руни, цела кариера мината во Манчестер Јунајтед и од пред неколку часа нов (или одново како сакате) играч на Евертон.

Им кажа не на милионите од Кина, рајот во кој заминуваат многу играчи на крајот од кариерата. Руни ги одбил од две причини. Првата е: на 31 година не се чуствува престар за да ја финишира кариерата. Втората: во Евертон му остана дел од срцето. И после 13 години се враќа во екипата каде израсна и каде дебитираше. Во клубот каде на 10 години му пишуваше писмо на неговиот идол Данкан Фергусон кој бил во затвор.

СИНА НАДЕЖ

2002-ра беше година на деби во сениорскиот фудбал за Руни: влезе како 17-годишен затоа што на стручниот штаб на Евертон му било јасно дека нема веќе што да чека. Малиот е јак како бик, брз, има дриблинг и страшен шут. Ги надминал сите врсници. Едноставно WonderBoy.

Покажа уште во финалето на младинскиот ФА Куп против Астон Вила кога постигна гол кој го прослави со маичката на која имаше натпис “Once a Blue, Always a Blue”. Од тој момент навивачите на ’Карамелите’ беа сигурни дека го нашле симболот кој ќе го сакаат долги години: Растен во клубот како дете, навивач на клубот.

Но стигнаа понуди кои едноставно не се одбиваат.

Во првата година како професионален фудбалер Руни дебитираше на 17. август 2002 во ремито 2-2 против Тотенхем на домашен терен. Првиот гол го даде на 1. октомври во Лига Купот против Врексам (тогаш даде два во триумфот од 3-0). На 19 октомври малиот Руни направи потег кој се вртеше на најавните шпици во целиот свет. Против голем противник во митска средба даде незаборавен гол.

Играа Евертон и Арсенал, а ’Топџиите’ дојдоа како актуелни шампиони и непоразени на 21 меч во серија во првенството. Гостите поведоа во 8’ минута преку Љунберг. Руни влезе на 10 минути пред крајот наместо стрелецот на израмнувачкиот гол Радѕински. И во последен момент од мечот постигна страшен гол за победа. Го матираше Симан од 30-ина метри со бомба. Стадионот еруптираше.

13 ГОДИНИ УСПЕХ

Вејн остана во Евертон уште две сезони и постигна вкупно 15 голови (6+9), се додека во летото 2004 не стигна фамозната понуда која не се одбива. Не ја одби ни Руни затоа што Манчестер Јунајтед е најпрестижниот клуб на светот.

Евертон доби 39 милиони евра за момче кое уште немаше 19 години. Тоа беше една од најдобрите инвестиции на Сер Алекс Фергусон во кариерата.

Авантурата во Манчестер Јунајтед ја почна со гол на најпрестижниот турнир: дебито во Лигата на шампионите и тоа не со еден гол, туку со 3 против Фенербахче. И официјално Руни го имаше најдоброто деби на еден играч во историјата на фудбалот.

Лева, десна, со глава, шутеви од далечина - беше незапирлив тој 28 септември 2004. За првиот гол во Премиер лигата како „црвен ѓавол“ Руни чекаше еден месец: 24 октомври, во десеттото коло против Арсенал.

И овојпат Венгеровите пулени дојдоа како шампиони со рекорд зад нив од 49 меча без пораз, и овојпат Руни им даде гол во ’90-та минута (за 2-0). За првиот пехар со Јунајтед, Руни мораше да чека една сезона: Во 2005/2006 го крена првиот од четирите најголеми трофеи во кариерата - оној во Лига Купот.

Потоа пет пати стана шампион во Премиер лигата од кои три пати последователно од 2006 до 2009. Освои дури 6 Комјунити Шилд одличја, еден ФА Куп и најдрагиот Лига на шампиони во 2008 (на пенали против Челси). Другите две финалиња на ЛШ ги губеше од Барселона на Гвардиола во 2009 и 2011.

Руни го освои и Светското клупско првенство 2008 (решавачки гол даде во финалето) а се прости од „Олд Трафорд“ со пехар во Лига Европа, во последната сезона.

НАЈУБАВ ГОЛ НА СИТЕ ВРЕМИЊА?

Најлесно е кога се победува. А Руни беше познат како најдобар кога е најтешко, кога треба да се бориш, да се вратиш во одбрана да им помогнеш на соиграчите, да украдеш топка од противникот.

Во 2011-та даде неколку голови кои ќе останат во историјата: хет-трик против Арсенал во понижувачките 8:2 на 28 август (да, што мака виде тој Арсенал од нег), но пред се ’ножичките’ во градското дерби против Сити. Бесполезно е да го опишуваме најубавиот гол во историјата на Премиер лигата кој го прослави на препознатлив начин:

Следната сезона даде нови два гола против Сити и стана најдобриот стрелец во историјата на дербито Сити - Јунајтед (10 гола).

Но да се биде шампион кога е тешко значи и да се „голтаат кнедли“ од новите задачи и улоги. По заминувањето на Фергусон и Мојс, Ван Гал проба да го искористи искуството на Руни и неговиот темперамент па го стави во центарот на игралиштето.

Руни кој во црвениот дрес играше во напад со центарфори како Ван Нистелрој, Кристијано Роналдо, Тевез, Ван Перси и Мајкл Овен, сега наеднаш се најде во кругот на центарот од теренот заедно со Карик.

Но и таму се снајде одлично па влезе на вечната листа од тројца играчи кои имале повеќе од 100 гола и 100 асистенции во Премиер. Другите двајца се Гигс и Лампард. На 21. јуни 2016: Руни од слободен удар го даде 250-от гол во дресот на Манчестер Јунајтед и го сруши рекордот на Боби Чарлтон.

Но со Мурињо одново му се смени улогата: клупата е уште потешка кнедла, но Руни и овојпат не галамеше туку тренираше. Во финалето на Купот на Уефа, Мурињо му даде шанса во последните секунди од мечот со капитенска лента на раката. Во тој момент Руни како да сфатил дека треба на друго место да бара повеќе шанса. Руни има 31 година. За Манчестер Јунајтед одигра 559 меча и постигна 254 гола. Се враќа во Евертон без обештетување (како дел од трансферот на Лукаку во Манчестер). "Once a Blue..."