Луис Суарез ги намести нишанот, игра одлично во тандем со Нејмар, а двајцата уживаат покрај Лео Меси. Аргентинецот, Бразилецот и Уругваецот може да станат творци на најефикасниот напад што Барселона некогаш го имала.
Јужно Американците заедно постигнаа вкупно 91 гол и сега им фалат девет погодоци да го израмнат рекордот од сезоната 2008/09. За таков подвиг, напаѓачите имаат на располагање девет натпревари до крајот од сезоната. Во случај да се пласираат во финалето на ЛШ, ќе имаат вкупно 12 натпревари до крај за да стигнат до 100 голови.
Во сезоната 2008/09 Меси, Самуел Ето и Тиери Анри стигнаа точно до 100 голови. Сепак, рекордот на дадени голови во една сезона на сите времиња го држи Реал Мадрид од сезоната 2011/12, кога Кристијано Роналдо (60), Карим Бензема (32) и Гонзало Игуаин (26) постигнаа 118 голови.
Реал Мадрид во моментов повторно има можност да ја сруши бариерата од 100 голови, затоа што триото Бензема, Роналдо и Бејл постигнаа 88 голови, три помалку од Барселона до сега. Иако не треба да се заборави дека Кралскиот клуб одигра пет натпревари повеќе од Барселона (два во шпанскиот Супер Куп), еден во УЕФА Супер Купот и два на Светското клупско првенство.