Прв меч, прв гол, прв бод. Овој твит кажува се и за него не се потребни 140 букви. Се работи за фудбалската репрезентација на Косово, која засекогаш ќе се навраќа на 5 септември 2016, датумот на кој почна да ја испишува историјата на репрезентативниот фудбал, на гости против Финска 1:1.
За да го раскаже ова прво искуство во мундијалските квалификации, на голманот Самир Ујкани Твитер не му врши работа. Денови претходно бил во неизвесност и нервоза.
„Една недела пред закажаниот натпревар во квалификациите за Светско против Финска не знаевме дали ќе имаме доволно играчи. Мечот се играше ноќта во 21:00 часот, а мојата дозвола од ФИФА стигна истиот ден во 15:30. Гласот ми трепереше, а нозете ми се тресеа од возбуда и трема. Дали ќе можам да играм за мојата земја или не? Не можев да спијам 5 дена поради стрес“, раскажува чуварот на голот на Косово.
Добивте ли многу честитки за првиот настап и кој ви ја прати најубавата смс порака?
„Телефонот не престана да ѕвони и морав да го ставам на вибрации. Примив многу пораки, не знам од каде да почнам. Пред натпреварот ми пиша и Гатузо кој знаеше дека го чекам во Пиза и кој уште не беше вратен. Пораката од Гатузо не како сите останати поради илјада причини. Овој натпревар беше како сон за кој пред 10 години човек не можеше ниту да помисли дека може да му се оствари“
Самир е единствениот репрезентативец на Косово кој игра во Италија. Настапува за Пиза која Џенаро Гатузо летово на 12 јуни ја однесе во Серија Б. На 31 јули ненадејно си замина од клубот, но по еден месец на почеток на септември ете го повторно назад како тренер на Пиза.
За Самир Ујкани ситуацијата во Пиза овие денови било уште една грижа плус. Клубот во 2009-та се вратил по банкротот со нови газди, но летово тренерот што ги однесе во втора лига наеднаш им исчезна, а во Пиза се појавиле и други неизвесности околу финансиите.
„Периодов беше неизвесен, но за среќа работите се средија, а играчите беа силни и издржаа. Не беше лесно без Гатузо, но верувавме до крај. Нон стоп ни се јавуваше и бараше од нас да се стрпиме, да издржиме и дека проблемите ќе дојдат на свое место“.
Ден пред мечот меѓу Финска и Косово, Пиза го играше првото коло во Серија Б против Новара. Самир не беше во можност да настапи.
„Мечот го гледав во мојата хотелска соба на лап топ и дишев заедно со моите колеги. Кога Кардели на крајот, кој инаку ми е цимер кога одиме на подготовки направи чудо скокав од радост. Заедно страдавме тој месец, тивко, со стегнати заби и работевме без стручен штаб, без тренер на голманите. Само ние двајца, заедно. Веднаш после мечот му се јавив да му честитам“.
По 24 часа се случи историскиот момент со Косово.
„Во 4 дена ми се отвори светот, тоа беа моите најсреќни денови во животот. Прво се среди ситуацијата во Пиза, се врати Гатузо, ја победивме Новара и на крај пристигна мојата дозвола за настап за Косово и првиот освоен бод. Дресот од мечот против Финска нема да му го дадам никогаш никому“.
Косово на Светско или Пиза во плеј-оф за Серија А?
„И двете“.
Инаку Самир Ујкани е член на Џенова кој настапува како позајмен играч во Пиза. Кариерата ја почна во 2007 година во Палермо од каде беше позајмуван во Новара и Киево.