Мојот прв фудбалски дрес

Лето 1995-та, Нови Сад, на тезгите полно со дресови. Чале ми избира поклон за роденден, бидејќи со денови му кукам како сите на игралиште во маало играат со дресови, а јас сум единствен што немам.

Тогаш во европскиот фудбал доминираше Милан, Барселона го пратеше, тука беше и Ајакс, Јуве имаше константен квалитет, исто како и Баерн Минхен, а Манчестер Јунајтед стануваше сè попопуларен.
 
Јас сакав дрес од Ливерпул, ама немаше таков, ги имаше само овие што ги наброив, плус се наоѓаше и од некоја репрезентација како Италија и Бразил, ама сите ги носеа едните исти.
 
Сите тезги беа опремени со шверцана турска роба, а продавачите беа луѓе кои имињата на клубовите ги интерпретираа како најмногу им одговараше, бидејќи нив реално не им беше гајле за фудбал, најважен им беше бизнисот.
„Имаш црвен и син од Милано, како и Манчестер и Баерн, а и овој на Барселона стои одлично“, ми вели татко ми поддржан од газдата на тезгата.
 
Цените беа 5 или 10 евра, во зависност дали беше 100% најлон со лоша штампа или со малку подобар квалитет со некој бренд како Wind и Sunsport со везен амблем.
 
Јас го сакав црвениот дрес на Ливерпул од Адидас, тoj ми беше најубав, а ќеиф ми правеше и Умбро дресот на Челси, потоа на Англија или Лацио. Некако тие најмногу ми се допаѓаа, но ги немаше по бутици, а ниту по плоштади.
 
Тезгите држеа дресови кои најмногу се бараа. Челси тогаш уште не беше во ерата на Абрамович, а Лацио со Гаскоњ не беше популарен се додека не дојдоа Синиша и Деки, додека Англија не ни учествуваа на СП 1994.
 
Ќе бев задоволен да беше од Милан или Јунајтед, ама стариот буричкаше по тезгите и ми најде некој жолт, кој и ден денес ми е точен.
 
„Еве низ овој ќе ти помине главата“, ми се диви татко ми, а јас го земам и го облекувам дресот на Парма на кој пишуваше Пармалат, а он констатитира: Како Ѕола.
Ракавите ми беа преку лактите, а дресот до колена. Зошто Парма?
„Види, сите ги носат едните исти дресови, не е во тоа штосот, оваков ќе имаш само ти“, вели татко ми.
Приказната е дека Парма е култен клуб каде покрај Ѕола, играа Асприља, тогаш ги тренираше Невио Скала, а во тоа време потпиша за нив Христо Стоичков.
 
 
Јас презадоволен, се враќаме дома и го тераме татко ми да го проба дресот и тука падна смеа бидејќи и него му беше малце голем. Но јас дресот не го давам, а таа нов спиев со него.
 
Во денешно време сите живи дресови им се достапни на децата, нема што нема на пазар, во бутик, на интернет. Сè можеш да нарачаш и да ти стигне на адреса.
 
Сепак, пред некој видов дека на тазгите сè уште има дресови и тоа многу. Тоа значи дека некое друго дете ќе го израдуваат родителите и ќе се сеќава на тој момент до крајот на животот.
 
3 август 2018 - 13:27