Милан ја менува тактиката. Откако минатата сезона ја изгубија титулата со фудбалери чија просечна старост беше 29,52 години, подготовките за новата сезона ги започнаа со фудбалери со просек од 27,18 години.
Четата на Алегри веќе нема да биде тим на пензионери. Милан ќе игра со најмлад состав во последните 10 години.
Помлад тим Милан имаше во сезоната 2002/03 кога просечната возраст на фудбалерите беше 25,7 години. Од тогаш, со исклучок на сезоната 2006/07 кога просекот беше 27,75 години, Милан секогаш играше со искусни фудбалери, а просекот на тимот се движеше помеѓу 28 и 29 години.
Подмладувањето на тимот се случи откако по завршувањето на минатата сезона, Милан го напуштија Рома, Неста, Замброта, Гатузо, Сидорф, Ван Бомел и Инзаги, а нивната возраст се движеше од 34 до 38 години. За разлика од минатите 10 години кога челниците потпишуваа „пензионери", ниту еден фудбалер кој пристапи оваа сезона не е постар од 27 години.