Најактивниот клуб на трансфер пазарот во Европа дефинитивно е Милан, клубот кој со оваа трансфер политика дефинитивно ќе ги напаѓа првите четири места во Италија, кои од следна сезона обезбедуваат директен пласман во Лига на шампиони.
Минатата сезона Милан заврши шести и ќе игра во Лига Европа, што значи борба на три фронта. Кинеските газди изминативе месец дена и кусур сериозно се фатија за работа и за сега донесоа дури седум засилувања.
Директорот на клубот Марко Фасоне изјави дека е можно уште некое засилување, а потоа ќе се прави чистка. Легендата на Милан, Ѕвонимир Бобан изјави дека за сега не е убеден во трансферите бидејќи не донеле ниту една светска класа на играч. За тоа останува да покажат резултатите, она што им е паметно е дека нема старци, сите седуммина се родени над 1990-та година.
МАТЕО МУСАКИО ОД ВИЉАРЕАЛ - 18 МИЛИОНИ ЕВРА
Летниот трансфер период за трансфери на Милан почна уште на 30 мај кога во одбрана го купија 26 годишниот Мусакио кој 7 години настапуваше во Виљареал со кој изминатата сезона заврши на петто место во Ла Лига. Изминатиот период беше еден од најзабележителните фудбалери на „жолтата подморница“, а има и 6 настапи за селекцијата на Аргентина. Во него гледаат идеален партнер за Ромањоли. Потпис во Милан стави до 2021 година. Кариерата ја почна во Ривер Плејт во 2006-та од каде направи трансфер во Шпанија.
ФРАНК КЕСИ ОД АТАЛАНТА - 28 МИЛИОНИ ЕВРА
Роден е во Брегот на Слоновата Коска, има само 20 години и игра во среден ред, а лани настапуваше за сензацијата во Серија А, Аталанта која заврши на четвртата позиција во Серија А. Во Милан доаѓа како позајмен играч а „росонерите“ се обврзаа да го купат во 2019 година. Кеси всушност во наредните пет години ќе биде играч на Милан и ќе заработува 2,5 милиони евра по сезона. Аталанта ќе добие 28 милиони евра отштета, плус дополнителни бонуси. Инаку Кеси сезонава постигна 6 гола, а тоа не му успеало на ниту еден друг играч на неговите години во топ 5 лигите во Европа.
РИКАРДО РОДРИГЕЗ ОД ВОЛФСБУРГ - 15 МИЛИОНИ ЕВРА
На левата бековска позиција го купија швајцарскиот репрезентативец Рикардо Родригез кој по татко е Шпанец, а по мајка Чилеанец. Кариерата ја почна во Цирих во 2010-та, каде 8 години беше дел од младинската академија. Во 2012-та направи трансфер во Волфсбург за 7,5 милиони фунти каде постигна 22 гола на 184 средби и освои Куп и Супер Куп на Германија. Има 40 настапи за Швајцарија, а во 2015-та беше прогласен за играч на годинава во својата земја. Во Милан го одбра бројот 68, бидејќи таа година мајка му била била родена.
ХАКАН ЧАЛХАНОГЛУ ОД БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН - 22 МИЛИОНИ ЕВРА
Турскиот репрезентативец дојде од Баер Леверкузен за 25 милиони евра плус бонуси и за годишна плата од четири милиони евра. Минатата сезона одигра само 15 натпревари за „фармацефтите“ и постигна шест голови откако доби четиримесечна суспензија од ФИФА поради тоа што го прекршил предоговорот со Трабзонспор и решил да продолжи во Карлсруе во 2011 година. За репрезентацијата на Турција игра од 2013-та година. Со него Милан се надева дека ќе ја зголеми опасноста во навалата, бидејќи Хакан е офанзивеч играч од среден ред.
ФАБИО БОРИНИ ОД САНДЕРЛЕНД - 6 МИЛИОНИ ЕВРА
Борини има договор за уште две години со тимот кој испадна од Премиер лигата и во Милан ќе настапува како позајмен играч. Во 2015 година премина од Ливерпул во Сандерленд за 10 милиони фунти, а претходно играше за Свонси, Парма и Рома. Италијанскиот напаѓач кариерата ја почна во Челси во 2009-та, но доби малку шанси.
АНДРЕ СИЛВА ОД ПОРТО - 38 МИЛИОНИ ЕВРА
Откако не успеаа со Мората од Реал и Белоти од Торино, се решија за младиот Силва од Порто, нивното најскапо засилување до сега ова лето. 21 годишниот португалски напаѓач зад себе има две сезони во Порто од кои изминатава покажа топ форма. 44 настапи - 21 гол на сите натпреварувања. Играше и на Купот на Конфедерации и постигна гол против Нов Зеланд.
АНДРЕА КОНТИ ОД - 24 МИЛИОНИ ЕВРА ОД АТАЛАНТА
Најновото засилување на Милан и второ од Аталанта се вика Андреа Конти. Се работи за еден од најперпективните бекови во Италија кои неодамна играше на Европското младинско првенство. Има 23 години, а зад себе има сезона со личен успех на кој може да му подзавиди и еден Марсело или Дани Алвеш. Тој е рекордер со 8 гола и 5 асистенции меѓу дефанзивците во сезоната 2016/2017 во топ 5 лигите. Инаку Конти на 8 години имаше успешна проба во Милан, но ги одби бидејќи тренинг центарот му бил далеку. Се калеше 10 години во Аталанта, а во 2013-та влезе во прв тим.
Навивачите на Милан кои беа потиштени изминативе неколку сезони од резултатите, деновиве се оптимисти дека овој пат ќе ја биде. Ова е пречекот на фудбалерите во тренинг центарот на Милан.