Во групата на смртта, моќ презентираше само Ливерпул кој во 6. коло влегува растеретен со перфектен скор од 5 победи и загарантирано прво место.
Значи вечерва од 21 часот очи ќе си копаат Милан, Атлетико Мадрид и Порто. Со оглед на нивното реноме, ниту една екипа од овие три не би била задоволна ако испадне и неблагодарно е да се одреди дека некој во случајов влегува со фаворитска улога.
Бодовно во мала предност е Порто, кој игра одлично во домашното првенство и е без пораз по 13 кола. Во случај да го победи дома Атлетико, кој викендов киксираше пред својата публика со Мајорка, сите други математики паѓаат во вода, бидејќи автоматски би завршил втор.
Ако оваа средба заврши нерешено или Атлетико слави, тогаш ќе се чека исход од Сан Сиро, каде Милан има тешка задача, а тоа е да брка победа против Ливерпул.
Според изгледот на табелата јасно е дека Порто оди понатаму и со реми, во случај Милан да не успее да го добие Ливерпул.
Најмногу комбинаторики постои можност да се јават ако Милан и Атлетико вечерва победат и се израмнат на делба на втората и третата позиција со по 7 бода.
Тогаш ситуацијата ќе биде замрсена и ќе одлучуваат нијанси. Внимавајте добро и прво погледнете им ја статистиката, а потоа прочитајте ги следниве 5 комбинаторики.
Бројот 1 отпаѓа во старт, бидејќи нивниот вкупен резултат е 2:2, а УЕФА летоска го укинато старото правило „гол на гости“, со кое Шпанците ќе одеа понатаму во случај на ист број на бодови.
Според 2, 3 и 4, Милан е во минимална предност, што значи може да биде брканица со голови, а според последниот критериум број 5, осминафиналист е Атлетико.
1. Меѓусебен дуел (Овој параметар нема да одлучи, бидејќи 2:2 е нивниот вкупен резултат).
2. Гол разлика (Милан во моментов е подобар со -2, а Атлетико има -3. Во случај на иста гол разлика се оди на критериум број 3).
3. Број на постигнати голови (Милан е тука за нијанса подобар со 5 постигнати голови. Атлетико има 4. Ако и по овој параметар се исти, ќе се гледа критериумот број 4).
4. Број на постигнати голови на гости (Милан има дадено 3, а Атлетико 2. Ако се поклопи и тука да имаат исто, тогаш ќе одлучи петтиот критериум)
5. Повеќе победи на гости (Тука се 1:1, но ако одлучува овој параметар како последен, тогаш осминафиналист ќе стане Атлетико, бидејќи во Порто би стигнал до втора гостинска победа).