
Цела Аргентина е во исчекување на натпреварот со Венецуела кој според многу параметри би требало да биде последен домашен за најголемиот на сите времиња според многумина.
Ова ќе биде 193-ти настап на Меси во небесно-белиот дрес во кој постигна дури 112 гола и беше најзаслужен за титулата светски првак.
Триесет и осум годишниот Меси би можел да го одигра својот „последен танц“ на Светското 2026 во САД.
Аргентина вечерва, после полноќ по средноевропско време ќе ја пречека Венецуела во Буенос Аирес. Ова е претпоследно коло од јужно-американските квалификации, а Меси би требало да игра и вечерва и на последниот натпревар.
Гаучосите обезбедија Светско првенство уште во март годинава, па притисокот не им е голем и опуштено го играат крајот на квалификациите.
Запрашан на прес-конференција дали ова би можел да биде последен натпревар на домашен терен за 8-кратниот освојувач на Златна топка во дресот на Аргентина, селекторот Скалони низ солзи одговорил:
„Да, ова е натпревар за кој Лео кажа дека ќе биде емотивен, посебен, прекрасен зошто навистина е наш последен квалификациски натпревар дома. Сите треба да уживаме како што секогаш велиме, најмногу од сите јас ќе уживам. Да се има можност да се тренира Меси е навистина задоволство и да се надеваме дека навивачите кои ќе дојдат на стадион исто ќе уживаат зошто тој навистина го заслужува тоа.
Утре ќе биде убав натпревар, возбудлив. Сигурен сум дека нема да биде негов последен натпревар во Аргентина и сигурен сум дека доколку тој реши дека му е последен меч дома, ќе одиграме уште некој зошто треба прав момент а тој тоа го заслужува“.