Меси две и пол години не дал гол против Реал, Рамос е кралот на „Ел класико“

Реал Мадрид ја искористи слабата форма на Барселона и го казни обидот на Каталонците за висок пресинг. Рамос, Модриќ, Бензема и другарите го надоместија сензационалниот пораз од Кадиз на домашен терен и по 7 кола веќе се одлепија на +6 од најголемиот ривал во Ла Лига.

Зинедин Зидан уште еднаш докажа дека и поразите и победите се дел од спортот. Додека мејнстрим медиумите ширум светот веќе му ги спакуваа куферите и тропаа на врата кај Маурисио Почетино, Зизу маестрално ја надигра Барселона и покажа дека е фантастичен тренер.

Со сјајна акција која што ја почнаа Начо и Бензема а ја заврши Феде Валверде, можеби најдобриот играч на последните неколку дуели меѓу Барселона и Реал, го отвори резултатот на Камп Ноу во 5' минута.

Само две минути подоцна Ансу Фати па одличен центаршут по земја на Жорди Алба го израмни резултатот и стана најмладиот стрелец во историјата на дерби дуелите меѓу овие два гиганти.

Потоа следуваа уште пар шанси на двете страни. Тибо Куртоа му одбрани неколку сериозни обиди на Меси:

А само неколку минути подоцна Нето на чудесен начин го фати шутот на Бензема пред празен гол:

После таков ураган на двете страни, темпото малку се смири и на пауза фудбалерите отидоа со резултат 1:1.

Во вториот дел Реал одново наметна иницијатива која ја круниса Рамос во 63' минута после пеналот кој врз него го направи Пике, а судијата по консултација на ВАР досуди единастерец:

Во самиот финиш Роналд Куман ги стави во игра Дембеле и Гризман, Барселона се отвори тотално а Реал тоа знаеше да го казни па преку нововлезениот Лука Модриќ зголеми на 1-3 и ја запечати победата:

ЗАНИМЛИВОСТИ:

- Реал го доби првото дерби во сезоната што за Мадриѓаните е права реткост во последно време. „Кралскиот“ клуб победува на прва средба во сезоната само втор пат од претходните 13 сезони со 8 порази во тие дуели. Претходната победа на Реал на првото дерби од сезоната датира од октомври 2014-та (1:3) кога за Реал еден од стрелците беше Пепе а за Барса Нејмар.

- Реал имаше очајна серија од 2 порази по ред (сензација од Кадиз дома во Ла Лига и од Шахтјор во Лига на шампиони). После овие резултати 4 дена се шпекулираше со недоверба за Зидан и наводен контакт со Почетино. Сега сите молчат на таа тема.

- Федерико Валверде првпат даде гол на Ел класико. За 22-годишниот репрезентативец на Уругвај од средниот ред ова е само четврти гол за Реал Мадрид. Претходно стрелаше против Еибар, Сосиедад и Бетис. Ова му е најважен гол досега во кариерата.

- Фати е најмладиот стрелец на гол во Ел класико. Има само 17 години и 359 дена. Претходно 25 години овој рекорд го држеше легендарниот Раул кој гол на Барса и даде на 18 години и 95 дена во 1995-та.

Ансу Фати го постигна јубилејниот 400. гол за Барса во дерби дуелите со Реал. Таквиот јубилеј за „кралевите“ на времето го постави Кристијано Роналдо.

- Серхио Рамос го даде 99-от гол за Реал Мадрид, еден од најважните и победнички во неговата кариера. За капитенот ова е втор победнички пенал сезонава, пред месец дена постигна гол над Бетис. Минатата сезона токму пеналите на Рамос во најтешки моменти му помогнаа на Реал да стигне до титулата: победнички 1:0 после негов пенал Реал имаше 2 кола по ред на кои освои 6 клучни бодови.

- Лео Меси одново беше блед на дерби со Реал. Против „Кралскиот“ клуб Лионел нема гол од мај 2018-та година (тогаш постигна 1 а мечот заврши 2:2).

Аргентинецот од тогаш одигра 6 Ел класико дуели со Реал но има 530 минути без гол.

- За тоа во каква состојба се наоѓа Барселона покажа и фактот што никој од повозрасните фудбалери (Бускетс, Меси, Гризман, Пике, Алба) не се појави на прес-конференција после мечот, туку таму беше испратен Сержињо Дест, десниот бек на САД кој пред само 1 месец дојде од Ајакс во Барселона. „Не знам шпански, ќе зборувам на англиски“, рекол Дест само што седнал покрај Роналд Куман.