Мбапе си прави што сака

ПСЖ има голема бодовна предност во Лига 1 и е на добар пат да освои нова шампионска титула. Но тоа е во втор план затоа што Килијан Мбапе наводно летово си оди од клубот кој никако не може да го прежали 25-годишниот расен голгетер.

На мечот Монако - ПСЖ (0:0) од 24. коло во Лига 1 синоќа, тренерот Луис Енрике го извадил од игра Мбапе заедно со повредениот Марко Асенсио на полувреме. Причините за излегувањето на Килијан не се јасни.

Режисерот во преносот го покажа Мбапе на стартот на вториот дел како разговара на мобилен во подтрибинскиот простор а набрзо тој дојде и на трибините каде седнал до мајка му, наместо на клупата за резерви со соиграчите.

На пат до трибините дури и си правел селфи со присутните.

„МОРА ДА СЕ НАВИКНЕМЕ НА ЖИВОТ БЕЗ МБАПЕ“

Новинарот на француски RMC Sport Фабрис Хукинс рекол дека Килијан Мбапе бил изваден на полувреме поради ситна повреда со цел да не се ризикува негово отсуство на реванш мечот од Лига на шампиони против Реал Сосиедад.

Мбапе и минатиот викенд против Рен одиграл 65 минути а сега со Монако 45 минути. И двата меча завршија со реми 1:1 и 0:0.

Тренерот Луис Енрике минатата недела ја коментирал замената на Мбапе со зборовите: „Порано или подоцна ние ќе мора да научиме да живееме без Мбапе“ и додал дека секој играч треба да си го заработи своето играчко време.

Иста изјава шпанскиот тренер дал и по синоќешното досадно реми без голови со Монако.

„Замената е само мое решение. Порано или подоцна ние ќе мора да се научиме да живееме и играме без Мбапе. Тоа е моја одлука која што ја донесов за добро на екипата“. На ново прашање за Килијан им се пуштил на новинарите и им рекол: „Имаме хет-трик. Три прашања, сите три на иста тема. Четврто ќе има ли?“

Мбапе по сè изгледа е сменет и од чисто играчки причини. За последните два меча напаѓачот добил од Get French Football News оценки 4/10 што била најлоша во екипата.

Дали е Килијан веќе презаситен од францускиот фудбал и со главата веќе е во Реал Мадрид е големо прашање. Тој минатата недела бил на прием во претседателската Елисејска палата кај претседателот на Франција Макрон заедно со првиот човек на ПСЖ емирот на Катар Насер Ел-Келаифи.

2 март 2024 - 09:38