Јувентус и Рома се сигурни учесници наредната сезона во Лига на шампиони, Наполи како трето пласирана екипа ќе мора да го мине квалификацискиот циклус, а во игра за пласман во Лига Европа се дури седум екипи кои се борат за три места.
Двете позиции кои носат пласман во второто по ранг клупско европско натпреварување се четвртата и петтата позиција, а третата екипа која има сигурно учество е победник од Купот на Италија. Таму силите ќе ги вкрстат Наполи и Фиорентина кои веќе имаат обезбедено место во Европа, што значи дека се отвора шанса и за шесто пласираниот тим.
На 270 минути до завршување на сезоната во Серија А вака изгледа календарот на екипите кои веројатно ќе водат неизвесна битка до последен момент за излез во Европа. Многу од нив имаат и директни пресметки.
4. Фиорентина 61 бод
Натпревари: Фиорентина – Сасуоло, Ливорно – Фиорентина, Фиорентина – Торино
Виолетовите се сигурни патници во Лига Европа без разлика на која позиција на табелата ќе завршат. Доколку пласманот не го обезбедат преку трофејот во Купот на Италија, тоа си го имаат загарантирано како финалисти, затоа што Наполи веќе си го обезбеди излезот во Европа.
5. Интер 57
Натпревари: Милан – Интер, Интер – Лацио, Киево – Интер
Според изгледот на табелата голема е веројатноста друштво на Фиорентина наредната сезона да му прави тимот на Интер кој на три кола до крајот има пет бода предност пред Торино, Лацио и Верона. Но составот на Мацари тоа треба да го потврди на терен каде го очекува градско дерби, пресметка со Лацио кој исто така се бори за Европа и дуел против Киево кој брка останок.
6. Торино 52
Натпревари: Киево – Торино, Торино – Парма, Фиорентина – Торино
Доколку фудбалерите на Торино успеат да изборат пласман во Лига Европа тоа ќе биде големо изненадување. Предводени од извонредниот Имобиле кој е прв стрелец во Серија А, фудбалерите на Торино имаат тежок календар до крај, против тим кој се бори за опстанок, потоа директна пресметка против Парма и тешко гостување во Фиренца.
7. Лацио 52
Натпревари: Лацио – Верона, Интер – Лацио, Лацио – Болоња
Тимот на Реја викендов игра многу важен натпревар во борбата за Лига Европа против тим кој има исто бодови. Потоа следува тешко гостување во Милано, додека во последното коло ќе има полесен противник кој инаку се наоѓа во зоната за испаѓање.
8. Верона 52
Натпревари: Лацио – Верона, Верона – Удинезе, Наполи – Удинезе
Од Серија Б до Лига Европа ќе значи сензација за оваа италијанска екипа. Верона сезонава го има неприкосновениот Лука Тони кој како ветеран има ист број на голови со Тевез, но патот до Европа им е тешко остварлив затоа што имаат две тешки гостувања во Рим и Неапол и еден полесен натпревар против тим кој не се бори за ништо.
9. Парма 51
Натпревари: Парма – Сампдорија, Торино – Парма, Парма – Ливорно
Со поразот од Каљари, фудбалерите на Парма самите си го искомпликуваа патот до Лига Европа, но според календарот тие имаат сè уште шанси. На домашен терен пречекуваат тим кој веќе има обезбедено опстанок, а во последното коло играат против Ливорно кој можно е да биде математички без шанси за опстанок. Одлучувачки натпревар им е оној на гости против Парма.
10. Милан 51
Натпревари: Милан – Интер, Аталанта - Милан, Милан - Сасуоло
Една од најлошите сезони во последните години „Росонерите“ нема да ја спасат ниту со пласман во второто по квалитет клупско европско натпреварување, затоа што тие се редовни учесници во Лига на шампиони. Но тимот на Сидорф тргна по таа цел со серија од пет победи во низа која им заврши на гостувањето против Рома. Доколку успее да го добие градското дерби, Милан потоа може да се надева на излез во Европа со оглед на тоа што има лесни противници во последните две кола.