Белгискиот репрезентативец Еден Азар, во еден момент најдобар фудбалер на светот додека играше за Челси, одново се повредил и ќе пропушти 3-4 недели, пренесува АС.
Азар најверојатно нема да биде дел од составот на Реал Мадрид за првиот меч од 1/8 финалето на Лига на шампиони против Аталанта на 24 февруари а под знак прашање е и настап во градското дерби со Атлетико во Ла Лига на 7 март. Сигурно ќе ги пропушти дуелите со Уеска, Хетафе и Валенсија дома како и со Ваљадолид на гости.
Во актуелнава сезона Азар во Ла Лига одигра на само 8 натпревари и постигна 2 гола а вкупно во сите натпреварувања забележа 13 настапи (8 во Примера, 3 во ЛШ, 1 во Куп и 1 во Суперкуп) со 3 гола.
Реал Мадрид во летото 2019-та за Азар плати 115 милиони евра и тој беше едно од најскапите засилувања во историјата на клубот, но не ја оправда довербата.
Вкупно по доаѓањето на Бернабеу поради 9 разни повреди пропуштил 43 натпревари и бил отсутен 283 дена што е поразувачки за играч кој требаше да ја потврди својата класа во Реал Мадрид. Претходно, во периодот од 2012 до 2018 како играч на Челси пропуштил само 20 натпревари за 6 години.