Македонското знаме на новиот патриотски дрес на Украина

Претседателот на Фудбалската федерација на Украина, Андреј Павелко го презентираше дресот „Обединети за Украина“ на кој стојат знамињата на Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора, БиХ, Косово...

На новиот дрес на кој стои „Обединети за Украина“ се наоѓаат сите знамиња на земјите кои ја поддржуваат Украина, врз која Путин веќе два и пол месеци врши агресија во која страдаат и цивили.

На предната страна на дресот, покрај знамиња, грбот на Украина и логото на производителот на опремата, стои натпис У24 кој го најавува потенцијалниот влез на Украина во ЕУ.

На задната страна преку форма на бројки, се наведени имињата на градовите во кои се војува во Украина.

Инаку со овој дрес фудбалската репрезентација на Украина ќе одигра две пријателски средби пред баражот за СП.

Првата им е закажана вечерва против Борусија Менхенгладбах на стадионот Борусија Парк, а потоа ќе патуваат во Ријека на дуел со Хрватска.

Во бараж полуфиналето за Мундијалот во Катар, Украина на 1 јуни се среќава со Шкотска, а победникот од овој дуел на 5 јуни го чека финале во Кардиф против Велс.

Победникот влегува на Светско во Б групата каде се наоѓаат Англија, САД и Иран.

11 мај 2022 - 11:35