Македонски фудбалер добил слободни денови и ги избегнал страшните земјотреси во Турција

Во два разорни земјотреси во реонот близу турско-сириската граница загинале повеќе од 1.700 лица, а има и илјадници повредени. Во рушевините се наоѓа и поранешен фудбалер на Челси, Порто и Њукасл, репрезентативецот на Гана Кристијан Атсу по кого уште траела потрагата.

Од македонските фудбалери, Енис Барди (Трабзонспор) и Езѓан Алиоски (Фенербахче) се во градови кои не се директно погодени од земјотресот, а Лука Станковски игра за Газијантепсор кој доаѓа од градот Газијантеп (повеќе од 2 милиони жители), кој е меѓу најпогодените градови од разорните земјотреси.

Клубот по мечот во Анталија во саботата, им дал слободни денови на фудбалерите, па Лука Станковски се вратил дома во Скопје и ги избегнал разорните земјотреси.

„Завчера игравме натпревар во Анталија и веднаш по натпреварот добивме два слободни денови, голем дел од екипата остана во Антанталија, а само неколку играчи се вратија во Газиантеп. Јас се вратив во Скопје и за среќа ја избегнав катастрофата“.

Сите во клубот се добро, сепак ситуацијата во градот е лоша и засега не е познато кога ќе се вратат на тренинзите.

„Во контакт сум со луѓето од клубот и сите се добри, но ситуацијата во градот е многу лоша. Моментално аеродромот е затворен и чекам информации за што понатаму, но ќе биде одложено“,  изјави Станковски.

Неговиот соиграч и доскорешен капитен на белградски Партизан, Лазар Марковиќ за српските медиуми рекол:

 „Во ред сме, живи, здрави, но југот на Турција и градот во кој живееме и играме - Газијантеп го погоди голема несреќа. Во моментов сме во Анталија и само поради сплет на околности зошто добивме три слободни денови после мечот и решивме да останеме со семејствата тука и така го избегнавме ужасот. Овде се уште десетина соиграчи исто со фамилиите. Останатите, момците кои се вратија после мечот или се во нашиот тренинг центар или во коли на отворено и во контакт сме цело време.

Сите се многу исплашени, цела Турција стравува. Неколку минути пред да ми се јавите, во Газијантеп имало нов потрес кој се почуствува и овде во Анталија. Не знаеме ништо во врска со следните чекори зошто цела Турција буквално застана поради несреќата. Чекаме да не известат што и како понатаму“, рекол Марковиќ.

СИНОЌА ДАЛ ПОБЕДНИЧКИ ГОЛ, ДЕНЕС ПОД РУШЕВИНИ

Од спортскиот свет, прва пријавена жртва е младиот голман на клубот Малатјаспор, Ејуп Туркарслан.

Во разорниот земјотрес во градот Караманмарас биле погодени и фудбалерите, стручниот штаб и управата на клубот Хатаиспор кој вчера, во неделата напладне играше првенствен меч од најдобрата турска Суперлига.

Под рушевините биле фудбалерот Кристијан Атсу како и спортскиот директор Танер Савут и преведувачот во екипата. Нема никакви вести за нив.

На вчерашниот меч Атсу од Гана кој во кариерата играше дури и во Премиер лигата, во Челси и Њукасл, па потоа во Порто, постигнал победнички гол во 90+8’ минута и го прославил со тренерот Волкан Демирел.

Токму Демирел, некогашен турски репрезентативен голман и легенда на Фенербахче, во потресно обраќање низ солзи побара од јавноста да помогне не само на Хатаи туку и на сите погодени градови.

6 февруари 2023 - 13:38