И покрај промотивните цени на влезници за мечот со доскорешниот европски и светски првак, „Телеком Арената“ вечерва не беше полна. Околу 15.000 гледачи дојдоа да го проследат мечот со селекцијата која четири пати гостуваше во Скопје. ФФМ имаше убава замисла за кореографија преку целата јужна трибина, но слабата посета на Југ не овозможи такво нешто.
Селекторот Ангеловски се реши за две измени во однос на оние кои стартуваа на претходните два меча, па така вечерва средбата ја почнаа бекот на Пелистер Кристијан Тошевски, а во средината заигра Остоја Стјепановиќ. Формациски 5-3-2.
Шпанските медиуми веќе неколку недели потенцираа дека овој меч е клучен во квалификациите за „Фуријата“ која наесен ја очекува дербито со Италија. Некогашниот голман на Барселона, а потоа тренер на Порто, денес селекторот на Шпанија Хулиен Лопетеги се одлучи за најдобриот можен состав па почна со: Де Хеа, Карвахал, Рамос, Пике, Алба, Бускетс, Иниеста, Силва, Иско, Тиаго Алкантара и Диего Коста во формација 4-3-3.
Ангеловски најави дека нема да отстапи од офанзивниот фудбал и дека ќе се надигрува со Шпанците. Така и започна, па уште од почетокот гледавме отворен дуел. „Црвената фурија“ очекувано наметна иницијатива од стартот и после првата сериозна шанса го отвори резултатот.
Иниеста, Силва и Жорди Алба комбинираа во полето на Столе Димитриевски, па играчот на Сити непречен од никој (читај Шиков), со млак удар со десна ѝ донесе водство на Шпанија.
Тоа беше четврти погодок по ред на Силва за репрезентацијата (само Давид Виља на СП 2010 имаше таков учинок за Шпанија).
Со целосен посед на топка, Шпанците продолжија и после голот, па тоа им донесе дуплирање на водството во 28. минута. Еден од најдобрите играчи на европскиот првак Реал, Иско во трк помина двајца наши фудбалери и маестрално асистираше до Диего Коста на кој му остана само да „ја пипне“ топката за 0-2:
32 минути им требаа на нашите фудбалери да се ослободат од притисокот и сериозно да го загрозат Де Хеа. Несторовски и Пандев одиграа еден-два, а акцијата со шут крај голот ја заврши Стефан Ристовски денес десно крило.
На пет минути до крајот од првиот дел гостите лесно можеа до убедлива предност, но Иско директно во Димитриевски. Сè на сè, фрустрирачки 45 минути за нашите репрезентативци кои сигурно не паметат дека некогаш имале помалку контакти со топката на домашен терен.
На почетокот од вториот дел, селекторот Ангеловски стоеше на зборот и му даде шанса на 18-годишниот Ељиф Елмас да дебитира за сениорската репрезентација. За играчот на Работнички сериозно беше заинтересирана Турција, но тој реши да настапува за Македонија а ќе игра и на ЕП У21 во јуни.
Вторите 45 минути започнаа мирно, сè до моментот од кој „Градски експлодираше“.
Одминаа 15-ина минути и во 66-та акција и еврогол на Стефан Ристовски кој на нозе го крена цел стадион за неверојатна еуфорија. По краткото додавање од Пандев на средината од теренот, Стефан Ристовски како брз воз ја претрча целата одбрана на Шпанците и со страшен шут од 20-ина метри „ја искина“ мрежата на Де Хеа!
Еден од најубавите голови во историјата на македонскиот фудбал, сигурно.
После голот на шампионот на Хрватска со Ријека, следуваше период на борбена игра на нашите фудбалери кои како да „намирисаа крв“ и сфатија дека нема што да изгубат. На 15 минути пред крајот слободен удар за Македонија од самиот агол на шеснаесетникот на Де Хеа, но Алиоски шутираше во живот ѕид.
Одлично второ полувреме одиграа избраниците на Ангеловски, дијаметрално спротивно на она што срамежливо го покажуваа во првиот дел. Се обиде селекторот да го заостри нападот и со Александар Трајковски (влезе место Тошевски) и Иван Тричковски (место Мојсов), но Шпанија со фамозната тики-така успеа да ја сочува предноста и да го преброди гостувањето кај нас.
7 - Macedonia (alongside Liechtenstein) have lost all seven games they have played against Spain. Martydorm pic.twitter.com/Fu0h7xgyER
— OptaJose (@OptaJose) June 12, 2017
На 2. септември нашите фудбалери гостуваат кај Израел кој денес и официјално отпадна од трка за евентуално место во баражот.
Група Г, резултати:
Македонија - Шпанија 1-2 (0-2)
/С. Ристовски 66’ - Давид Силва 15’, Диего Коста 27’/
Италија - Лихтенштајн 5-0 (1-0)
/Инсиње 35’, Белоти 52’, Едер 74, Бернардески 84’/
Израел - Албанија 0-3
/А. Садику 22’, 44’, Мемушај 71’/
ТАБЕЛА:
1. Шпанија 16 бода
2. Италија 16
3. Албанија 9
4. Израел 9
5. Македонија 3
6. Лихтенштајн 0