Во отсуство на селекторот Благоја Милевски кој поради црвениот картон со Малта во првото коло вечерва беше на трибините, Македонија од клупа ја водеше неговиот помошник Роберт Стојановски.
Црвено-жолтите излегоа во најдобриот можен состав во моментов, со исклучок на отсутните Миовски кој е повреден и Чурлинов кој е хоспитализиран поради болест.
Македонија истрча со стандардните 11: Димитриевски, Ристовски, Муслиу, Зајков, Ашковски, Алиоски, Адеми, Барди, Елмас, Трајковски и Несторовски.
Од друга страна, новиот украински селектор Сергеј Ребров го повтори составот на неговите претходници, со крајно млад состав и фудбалери на просечна возраст до 20-21 година. Украина истрча со премиерлигашките играчи Мудрик, Забарњи и Миколенко, а во самиот напад беше и искусниот капитен Јармоленко.
Македонската селекција тргна офанзивно, со отворен гард и бараше брз гол. Иницијативата резултираше со погодок во 31' минута кога главниот судија Сан од Швајцарија гледаше ВАР и досуди пенал.
Реализатор Енис Барди за огромна радост на преку 20.000 гледачи на „Тодор Проески“арената во Скопје.
Само осум минути подоцна, моментумот и еуфоријата ја распали и Елиф Елмас со фантастичен еврогол од 20-ина метри. Делириум на трибини.
На полувреме Македонија замина со убедливо водство од 2:0.
На почетокот на вториот дел, нашата селекција свесно и ја препушти иницијативата на Украина која речиси без никаков посед ни шанси за гол намали на 1-2 преку младиот стопер Забарњи во 62' минута.
Практично без игра Украинците после само пет минути дојдоа до израмнување 2:2 преку нововлезениот Конопља. Од тој момент нашата игра како комплетно да исчезна а капак на се беше и црвениот картон на Висар Муслиу во 72' минута.
До крајот Украина ја сочува предноста и практично без спектакуларна игра однесе три бода од Скопје.
Следен противник на Македонија е лидерот во групата Англија, во понеделник на „Олд Трафорд“ во Манчестер.