
Самитот го отвори министерот за спорт Борко Ристовски кој на почетокот рече:
„Овој самит не е само формален настан, туку платформа за заеднички визии, размена на искуства и градење нови партнерства. Верувам дека преку регионална соработка и поддршка од институциите, спортот ќе биде двигател на здраво, современо и просперитетно општество.
Овој собир треба да биде почеток на една нова ера на спортска соработка на Балканот, ера на спортска дипломатија, меѓусебно почитување и регионален развој преку заеднички цели. Спортот е иднината, а иднината ја креираме заедно сега. Веруваме дека денешните дискусии ќе донесат нови партнерства, нови идеи и визја што ќе не води следните години“, порача министерот Ристовски.“, истакна министерот за спорт Борко Ристовски во воведното обраќање.
Првиот вицепремиер и министер за транспорт и врски, Александар Николоски најави нови законски измени за финансиски олеснувања при инвестирање во спортот.
„Во тек се неколку законски измени што ќе овозможат финансиски олеснувања и можност за сериозни инвестиции во спортот. Сметам дека оваа синергија помеѓу инвестиции во инфраструктурата и можност за инвестирање во спортот ќе даде резултати. Ние како Влада сме тука секогаш кога можеме да помогнеме и да дадеме поддршка и нашата работа застанува тука, бидејќи сакаме да ја држиме политиката надвор од спортот“, истакна Николоски.
ПАНДЕВ И МИЈАТОВИЌ ЗАД ГОВОРНИЦАТА
На самитот беше присутна и најголемата македонска фудбалска легенда Горан Пандев, како и Предраг Мијатовиќ, ѕвездениот фудбалер кој му донесе титула во Лига на шампиони на Реал Мадрид со гол во финале против Јувентус.
Легендарниот фудбалер на Будуќност, Партизан, Валенсија и Реал Мадрид, Предраг Пеѓа Мијатовиќ кој веќе неколку месеци е потпретседател на црно-белите од Белград зборуваше на разни теми а се осврна и на неверојатната пречка која ја погоди од пенал на мечот Југославија - Холандија на Европското првенство.
„Секој спортист во кариерата има добри и лоши моменти и секогаш тие се тие што го одбележуваат неговото присуство на терените. Точно е дека најсветол момент во кариерата ми е голот против Јувентус во финалето и тоа што им го донесов пехарот на Реал Мадрид во ЛШ, но најцрн момент да речеме е и пеналот против Холандија. Не верувам дека пречката сѐ уште се тресе, но знам дека пенали не промашуваат само тие што не ги ни шутираат“, во свој стил раскажа Мијатовиќ.
На самитот беа уште и министрите за спорт на Србија Драган Гајиќ, на Црна Гора, Драгослав Шкекиќ, како и министерката за финансии на Македонија Гордана Димитриеска-Кочоска која ги повика јавно фирмите да вложуваат повеќе во спортот.