Македонците дел од кремот во Саудиска Арабија - Алиоски со Фирмино и Менди, Велковски со Џерард и Кутињо

Саудиска Арабија станува епицентар на светскиот фудбалски крем. Откако таму заминаа Кристијано Роналдо и Карим Бензема, секојдневно стигнуваат вести за нови астрономски милионски договори. Саудијците не жалат милиони за да ги примамат познатите светски ѕвезди. Меѓу нив ќе бидат и двајца наши стандардни репрезентативци.

Стивен Џерард, легендата на Ливерпул кој на Ренџерс му донесе титула во Шкотска после долги години, тренерската кариера ја продолжува во клубот Ал Итифак во Саудиска Арабија.

Стиви Џи прво ја одбил понудата пред неколку дена. Откако доби отказ од Астон Вила тој беше слободен тренер.

„Ме викнаа за да разгледаме потенцијална понуда и дојдов. Го размислував предлогот последните пар дена, но во овој момент не сум прифатил“, изјави Англичанецот кој после само неколку дена смени мислење и прифати да стане тренер на Етифак.

Според информациите на Дејли Мејл, на Џерард му претставиле план дека Ал Итифак планира да стана доминантен клуб во Саудиска Арабија. Во најскоро време Џерард ќе добиел голем буџет за да донесе познати играчи од Европа.

Џерард, пишува ЕСПН, ќе добие повеќе од 10 милиони евра годишно за две-годишен договор. Миленикот на „Енфилд Роуд“ на клупата го заменува Шпанецот Антонио Казорла кој дошол наместо Французинот Патрис Картерон во февруари годинава.

28-годишниот македонски стопер Дарко Велковски во клубот е од 31-ви август 2022-та а има договор до 30-ти јуни 2024. Вредноста на Велковски според Трансфермаркт.де во моментов е 2 милиони евра. Според сајтот sportspayout.com, некогашниот фудбалер на Вардар и Ријека заработува годишна плата од 800.000 фунти.

Велковски досега одиграл 15 меча за клубот и воглавно влегувал од клупата за резерви. Можно е да му се подобри ситуацијата со новиот тренер, легендарниот Џерард од кого сигурно ќе има што да научи.

АЛ ИТИФАК ВО МОМЕНТОВ Е ПРОСЕЧЕН КЛУБ ВО БОГАТОТО ПРВЕНСТВО

Клубот во кој игра македонскиот репрезентативен стопер Дарко Велковски, два пати ја освоил шампионската титула во Саудиска Арабија и Купот на Кралот. Имаат и три шампионски титули во Куп на фудбалски федерации во тој дел од светот и две победи во арапска Лига на шампиони.

Ал Итифак последниот трофеј го освоил во 2006-та (Куп на Персиски залив). Единствен пласман во азиска Лига на шампиони им бил во 1989-та кога не поминале група.

Клубот е во градот Дамам и формално не е државен клуб, иако на 5. јуни годинава министерството за спорт на Саудиска Арабија објави дека фамозниот Државен инвестиционен фонд кој владее со Њукасл и има 25% удел во Ал Итихад, Ал Ахли, Ал Хилал и Ал Наср. Клубот на Велковски не фигурира на овој список се уште.

Главни ѕвезди на екипата се 30-годишниот Тунижанец Наим Слити кој играл во Дижон и Лил а чија вредност е проценета на 4,5 милиони евра. Во Ал Итифак играат уште и шведскиот репрезентативец Робин Кваисон (130 меча за Мајнц, 70 за Палермо), како и Бразилецот Витињо и доскорешниот фудбалер на Наполи, Ајакс, Ајнтрахт и Борусија Менхенгладбах Амин Јунес.

Наскоро на Џерард би требало да му се придружи неговиот омилен фудбалер Фелипе Кутињо кој играше во Ливерпул, Барселона па подоцна и во Астон Вила токму на барање на Џери.

Итифак во изминатава сезона 2022/2023 завршил 7-ми на табела со 37 бода од 30 кола.

ЏАНИ СО БОБИ ФИРМИНО

Ал Ахли е богат саудиски клуб кој 75% е под закрила на најголемиот инвестициски фонд на светот, Државниот на Саудиска Арабија.

Во овој клуб неодамна се врати Езџан Алиоски, репрезентативниот офанзивен лев бек на Македонија кој беше на позајмица во Фенербахче. Наемот на Џани во Истанбул заврши па тој се врати во Ал Ахли со кого има договор до јуни 2024-та година.

Во вторникот во Ал Ахли пристигна познато име, бразилскиот репрезентативец Роберто Фирмино кој долги години блескаше во Ливерпул со кого освои и Лига на шампиони. А клубот претходно го засили и одличниот голман од Челси, Едуар Менди кои ќе му биде соиграч на Алиоски. Постојат шпекулации дека Ал Ахли е сериозно заинтересиран и за Ријад Марез со што Алиоски би имал навистина врвни соиграчи.

Македонскиот репрезентативец Александар Трајковски играше за Ал Фајха минатата сезона и постигна 5 гола со 4 асистенции. Договорот му истече на 30-ти јуни 2023-та летово па сè уште не е јасно дали некогашниот фудбалер на Палермо, Мајорка, Цулте Варегем, Мехелен, Алборг и Цементарница ќе игра и во новата сезона за саудискиот клуб со нови фудбалски ѕвезди во лигата.

5 јули 2023 - 09:03