Секогаш скромен и умерен во зборовите. Без разлика на славата и заработката, никогаш не се чатали, туку почитува и цени од семејство до клуб, не заборава од каде доаѓа, ниту каде и колку успеал.
Признава дека никогаш не сменил пелена, ама барем е искрен и во тоа, како и во останатите фудбалски и нефудбалски муабети за Репортер.мк. Се разбира и дека е свесен која би била јаготката на шлагот во неговата кариера. Пласман на Македонија на ЕП 2020.
Дали помислуваше дека ќе стигнеш волку далеку?
За мене фудбалот е забава и најмногу го сакав. Почна како забава, ама кога заминав во Италија почнав да се занимавам со него на професионално ниво. Работев напорно и не очекував дека ќе постигнам толку. Мислам дека успеав со макотрпна работа, верба во себе и со помош на Господ, бидејќи здравјето ме служеше и немав некои поголеми проблеми со повреди.
Од каде љубовта кон фудбалот?
Почнав да играм мал уште на 10 години во Беласица. Ги поминав сите категории и на 15 години почнав да играм во прв тим. Потоа на еден турнир во Вијареџо ме видоа луѓе од Интер и ме ангажираа со Ацо Стојков. Така продолжи да се остварува мојот фудбалски сон.
Те поддржаа ли твоите во намерата да играш фудбал на професионално ниво? Ти се лутат ли што не си завршил факултет? Како ученик беше?
Мајка ми беше построга. Доста е со фудбал, само фудбал, земи малку да учиш. Во основно бев солиден ученик, но потоа во средно по цел ден бев на тренинг и кога бев втора година заминав за Италија. Се враќам едно лето дома и мајка ми без да знам ме запишала вонредно. Само што си дојдов од Италија, сакав да прошетам, да излезам со другарите, но јас морав да одам на полагање за да завршам барем средно.
Има ли таленти од Академија Пандев што можат да одат во странство?
Има двајца-тројца млади таленти кои добиваат шанса во прв тим. Се надевам дека за некоја година ќе заминат надвор, бидејќи најдобро е што порано да излезат од Македонија.
Какво беше чувството кога играше против Милан за кој имаш изјавено дека си навивал?
Јас бев фан на Дејан Савичевиќ бидејќи ми беше идол и така навивав за него и за Милан.
Се сретнавте некогаш на терен?
Не, бидејќи он кога заврши јас почнав да играм во Лацио.
Сега за кого навиваш?
За Џенова, ама омилени ми се и клубовите каде што сум играл, Лацио, Интер, Наполи, но Интер е клуб каде најмногу постигнав и клуб што ми ја смени кариерата, бидејќи ме донесе од Беласица, ме врати назад и освоиме ЛШ после 45 години.
Толку ли беше лошо во Турција?
Тоа беше мојата голема грешка. Бевме 12 странци, но имавме право да играме само 5. Не сакав да заминав од Наполи, имав и некои други понуди од Фиорентина и Милан, но ми се јави Прандели во последниот ден од преодниот рок и ми кажа да дојдам, ќе играме во ЛШ, имаме одлична екипа и тоа малку ме залажа. Но секој пат не е се како што треба во кариерата. Се учи од грешките. На финансиски план поминав одлично, но тие никогаш не биле на прво место за мене.
Каде ти беше најубаво?
Мислам дека најдобрите утакмици ги одиграв во Лацио. Одиграв одлични пет и пол сезони. Постигнав многу голови и ден денес јас и Клосе сме најдобри стрелци - странци во Лацио. Тоа ме прави горд. Се разделив на лош начин и за тоа најмногу жалам, но таков е спортот и животот.