Мајката херој која му коментира фудбал на својот слеп син, доби награда заедно со Меси

Милано. Градот на модата, елитата и гламурот. Оперскиот театар Ла Скала, на сцена маестро Андреа Пирло кој отвора коверт и го објавува името на Силвија Греко - жената која победи во номинацијата навивач на годината на церемонијата FIFA The Best.

Оваа награда ФИФА ја врачува веќе три години по ред, а прв шампион стана навивач на шкотски Селтик.

Силвија излезе на сцена во црвен костум заедно со нејзиниот 12-годишен син Николас кој цврсто ја држеше својата мајка за рака.

Николас е слеп. Тој се родил во четврт месец од бременост, тежел половина килограм и добил аутизам. Од него се откажала природната мајка, па Николас го посвоила Силвија. Николас немал многу другари, се движи со помагала и на 12 години си игра со коцки. Но се се менува кога еднаш месечно ќе отиде на стадион да следи натпревар на омилениот Палмеирас.

Оваа љубов му ја всадила Силвија во чие семејство постојано било вклучено радиото, татко ѝ слушал фудбалски преноси.

„Фудбалот му го менува животот на Николас“, вели Силвија, која била дванаеста на списокот за посинување, станала идеална мајка и му помага на својот син да живее нормален живот: излегува со него, шета, одат на стадион каде таа му ги коментира фудбалските моменти. Малиот прво слушал фудбал на радио, но скоро стадионската атмосфера и вибрацијата за време на головите му станала незаменлива.

„Од тогаш почнав да му раскажувам што се случува на терен. Детално му ја опишувам атмосферата на трибините и подробно играта на секој фудбалер, фризурите, должината на дресот, бојата на копачките. Највозбудливо е кога му ги опишувам головите:

„Одат напред, везниот ја држи топката... Долу, долу, долу! Еј судија! Палмеирааас! Николас, сега ќе дадеме гол... ААААААА гол, каков голаѕо!“, обично така изгледа.

Николас некогаш сака да седи кај навивачите, да вее зелено знаме од Палмеирас и да чука на тапан.

„Стадионот е негова социјализација и надеж. Емотивни сме не само ние со Николас, туку и сите кои седат заедно со нас. Мајките на такви деца како мојот син, не треба да се плашат, треба да станат да викнат, да се борат за својот син секој ден. За мене да се биде мајка е се во животот! Мој живот, душа, срце. Да се биде мајка е нешто најубаво“.

НИКОЛАС ГО ИЗБРАЛ ПАЛМЕИРАС ЗОШТО ВО ДЕТСТВОТО ЗА ОВОЈ КЛУБ НАВИВАЛ НЕЈМАР

Малиот Николас го обожава Нејмар и во детството навивал за неговиот прв клуб Сантос. Во 2013 година Николас се запознал со Нејмар на еден тренинг на Сантос и тогаш бразилската ѕвезда рекла дека и тој, како и мајка му на Николас како мал навивал за Палмеирас. Од тогаш во домот на Николас и Силвија постои само еден клуб.

Во 2018 година за време на дербито со Коринтијанс за нив направиле репортажа на телевизија: мајка му, како и секогаш била емотивна, му коментирала фудбал на синот.

Сега веќе ги знаат по сите стадиони, навивачите дури и цртаат портрети на Силвија и Николас, тие се симбол на клубот. Палмеирас ги викнал еднаш мајката и синот на тренинг каде главниот тренер Луис Фелипе Сколари го запознал Николас со секој фудбалер поединечно, а последната титула на клубот, малиот ја прославил на терен заедно со целиот тим. Капитенот Дуда го викнал Николас на роденденот на неговиот син.

А на почетокот на септември годинава, Николас одново се сретна со Нејмар. Мајка му го однела во Мајами со авион каде се играла пријателската средба Бразил - Колумбија (2:2).

Нејмар таму го постигна првиот гол сезонава.

ФИФА ПРАЌА УБАВА ПОРАКА ЗА СОЛИДАРНОСТ, РАЗБИРАЊЕ И ТОЛЕРАНЦИЈА

Минатата година најдобри навивачи според ФИФА кои ја добија наградата беа перуанските. Тие и покрај лошата финансиска состојба во земјата, во страшна бројка од 40.000 луѓе допатуваа на Светското во Русија каде Перу играше првпат на Мундијал после цели 36 години.

Оваа година го наградија бразилското семејство: мајката и синот од Бразил. Во конкуренција за наградата биле и холандските навивачи на женското Светско првенство (10.000 луѓе допатуваа во Франција и правеа „портокалова река“ на стадионите), како и Уругваецот Хусто Санчез: тој и син му навивале за два лути ривали, но откако син му загинал во авионска несреќа, Хусто во негова чест оди на секој натпревар на омилениот клуб на син му и навива.

„Го учам Николас секој ден нешто ново, но тој ме учи на уште подобро: да сакам и да решавам секојдневни обврски. Многу луѓе со ограничени можности сакаат да одат на фудбал, но не можат“, заклучи Силвија во една од репортажите за неа и Николас.