
Фудбалерот Јелцин Техеда играше и на Светското 2014 во Бразил кога Костарика направи огромна сензација и како прва во група со Англија и Италија отиде понатаму, а стигна дури до четвртфинале каде испадна на пенали.
Техеда на тој Мундијал го одигра секој меч но во преносите најчесто му одеше презимето, ретко и името.
Сега е поинаку.
Јелцин Техеда беше човекот кој со гол направи тотален хаос во последното трето коло од група Е. Тој го израмни резултатот на мечот со Германија, а потоа беше и автор на акцијата после која Костарика направи целосен пресврт 2-1 и 3-4 минути беше осминафиналист (во тој момент Шпанија и Германија испаѓаа).
ЗОШТО ГО КРСТИЛЕ ЈЕЛЦИН?
„Роден сум во 1992-ра и мајка ми која со големо внимание ги следеше светските вести, многу го сакаше вашиот претседател. А посебно и се допадна како звучи неговото презиме. Јелцин. Доволно необично за цела Костарика. Така и решила да ме крсти. Кај нас често ги крстат децата по некој инспиративни личности. Така јас станав Јелцин.
Дома никој посебно не се чудеше зошто во земјата имавме секакви имиња, но од детство ми поставуваа многу прашања. Иако никогаш немав проблеми, никој никогаш не ме закачнал ниту се дрзнал на такво нешто. Кога растев, многумина ме прашуваа дали имам руски корени. Прво морав да им одговарам не, а после им раскажував за мајка ми“, искрено раскажал Техеда Јелцин во едно интервју за руски Спорт Експрес на Светското 2018 во Русија.
Техеда, интересно, вели дека тој не е единствен Јелцин во Костарика, дека некогашниот руски претседател бил почитуван во оваа централно-американска земја. За првиот претседател на Русија по распадот на СССР вели дека не знае ништо.
ДАЛИ НЕКОГАШ БИ ЗАИГРАЛ ВО РУСИЈА?
На прес-конференциите на Костарика, руски новинари често го прашувале дали некогаш Јелцин би дошол да игра во руската Премиер лига.
По Светското 2014-та и можноста да го донесат Костариканецот таа година зборувал и претседателот на рускиот клуб Урал Григориј Иванов.
„Дојдоа кај нас, ни ја предложија таа варијанта. Ќе беше многу интересно, играч со име Јелцин во клубот, претставник на презимето на првиот претседател на Русија. Предобар пи-ар. Но кога ги слушнавме цифрите, сфативме дека не можеме. Сите веќе го знаеа по Светското“.
Потоа имало и интерес од Рубин но не се договориле.
Во 2014-та Јелцин од својата родна Костарика се преселил во симпатичниот француски клуб Евиан од Лига 1, а после две сезони во швајцарска Лозана. Во 2018-та се вратил дома во Костарика и од тогаш игра за тамошното клубче Ередиано.
Прочитајте уште и:
Репрезентацијата на најмирољубивата земја на Светско - држава без војска
Каков ролеркостер на Светското, Јапонија со ново чудо, Германија пакува куфери
„Така и неправедно дојдоа на Светско, не со игра на терен туку со политички игри“