Каков ролеркостер на Светското, Јапонија со ново чудо, Германија пакува куфери

Ни Копола, ни Скорсезе, ни Тарантино ни Кјубрик не би можеле полудо да го изрежираат она што се случуваше вечерва на Мундијалот во Катар. Во група каде апсолутни фаворити по многу параметри беа Шпанија и Германија, изненади Јапонија а за малку и Костарика.

Групата Е дефинитивно е најзабавна на Мундијалот во Катар. 

Во текот на 90 и кусур минути фудбал сите 4 репрезентации беа со карта за осминафинале во рака. На крајот билетите ги чекираа Шпанија и Јапонија.

Второ Светско првенство по ред, четирикратниот светски првак Германија не успева да ја помине групата на еден Мундијал, откако и во Русија 2018 испаднаа, тогаш како актуелен светски првак од 2014 година.

Во 1/8 финале Шпанија ќе оди на Мароко а Јапонците на Хрватска.

ШПАНИЈА - ЈАПОНИЈА 1:2 (1:0)

Откако Јапонија во 1. коло од оваа група направи чудо и ја урна Германија после пресврт 1:2, вечерва „самураите“ исто после голем пресврт ја свиткаа и силната Шпанија.

„Црвената фурија“ тргна во свој стил, офанзивно, со голем посед и контрола на топка. Нападите со гол ги круниса Алваро Мората во 11' минута кога Шпанија поведе.

И со тој резултат се замина на полувреме.

Исто како на средбата со Германија, јапонскиот селектор Хаџиме Моријасу реши да направи две измени на самиот почеток на вториот дел. Влегоа Доан и Митома, а токму првиов донесе израмнување во 48' минута со прекрасен гол:

Лудата радост и еуфоријата ги однесе Јапонците до нов гол и водство само две минути подоцна, во 50' минута. Сензационален пресврт против големиот ривал. Творец на пресвртот Танака за 1-2 по нова неспретна реакција на шпанскиот голман Унаи Симон.

Важно е да се напомене и дека за вториот гол на Јапонците топката во акцијата речиси да излезе во гол-аут со цел обем, иако технологиите покажуваат дека била макар милиметар на гол линијата, односно во важечка игра:

Јапонците со оваа победа на крајот се први на табела со 6 бода и заслужено одат како лидери во осминафинале. Шпанија освои 4 бода и заврши како втора на табела а исто бодови имаше и Германија на трето место но со далеку послаба гол разлика.

КОСТАРИКА - ГЕРМАНИЈА 2:4 (0:1)

На Германците на крајот не им беше доволен ни триумф од 4:2 на храбрите Костариканци.

Германците исто како Шпанија, поведоа рано. Во 10' минута Серж Гнабри ги опушти соиграчите со гол за 0-1. И со тој резултат Костарика и Германија играа до крајот од првиот дел.

Во второ полувреме Костарика израмнува на 1:1 преку Теједа во 58' минута, само неколку минути откако Јапонија направи целосен пресврт.

Костариканците тргнаа по тој луд пат на Јапонците и со голот на Варгас во 70-та минута направија светски потрес. 1-2, резултат кој во еден момент ги носеше во осминафинале.

Но фаворитот на овој меч израмни брзо преку нововлезениот Кај Хаверц во 73' минута а шпицот на Челси донесе и 2-3 во 85' минута.

Пировата победа во 89' минута ја запечати центарфорот Фуклруг. 2-4, три бода но залудни за Германија која поради послаба гол разлика и го препушти на Шпанија второто место и заминува дома во рана фаза.

1 декември 2022 - 21:34