Лука Дончиќ го разби Денвер Нагетс и покажа дека е голем шампион

Суперѕвездата на ЛА Лејкерс блесна во полн сјај синоќа во дербито против Денвер Нагетс кое Лејкерси го добија 123:100 и ја прекинаа врвната серија на Јокиќ и другарите од 9 победи по ред во НБА лигата.

Во „Бол Арена“ во Денвер, Никола Јокиќ имаше трипл-дабл но беше засенет од неговиот голем другар Лука Дончиќ кој запиша една од најдобрите партии во последните месеци: 32 поени, 10 скока и седум асистенции.

Дончиќ шутираше 10/22 од игра, 4/9 за три и 8/8 слободни фрлања.

Јокиќ пак, уште во третиот период дојде до својот 26-ти трипл-дабл учинок сезонава. Имаше 12 поени, 13 скока и 10 асистенции но и шест изгубени топки.

Леброн Џејмс беше одличен со 25 поени, девет скока и пет асистенции. Остин Ривс на свое ниво со 23 поени и седум асистенции а Руи Хачимура стигна до 21 поен.

Во составот на некогашниот шампион, покрај Јокиќ, најефикасен беше Арон Гордон со 24 коша, пет скока и четири асистенции, а Џамал Мареј запиша 19 поени со шест асистенции. Ветеранот Расел Вестбрук броеше до 17 поени.

ЛА Лејкерс сега има 34 победи и 21 пораз а Денвер Нагетс е трет на табела на Западот со учинок 37-20.

Нема одбрана за некои асистенции на Јокиќ

23 февруари 2025 - 08:11