Лука Дончиќ го растури најдобриот тим во НБА сезонава, па му честиташе и на Реал Мадрид

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс убедливо 126:99 на гости ја совладаа Оклахома Сити Тандер, најдобрата екипа сезонава во регуларниот дел од НБА лигата која е апсолутен лидер на табела по број на победи.

Оклахома Сити Тандер го забележа вториот пораз по ред, но тоа нема многу да им ја смени ситуацијата затоа што на крајот од регуларниот дел сигурно ќе бидат први на табела.

Од друга страна, Лос Анџелес Лејкерс чиј тандем Лука Дончиќ - Леброн Џејмс функционира совршено, забележи исклучително важен триумф во борбата за трето место на табела со Денвер Нагетс, Голден Стејт Вориорс, Минесота Тимбервувлс и Мемфис Гризлис.

Лука Дончиќ пак правеше шоу: постигна 30 поени со 7 скока и 6 асистенции. После него, втор најефикасен кај „езерџиите“ беше Остин Ривс со 20 поени а Леброн Џејмс додаде 19 поени и 7 асистенции.

Интересно на овој меч, кандидатот за МВП наградата, Шеј  Гилџес-Александар не изведе ниту едно слободно фрлање, првпат уште од 2021-ва година. Шеј имаше 26 поени со 9 асистенции а Џејлен Вилијамс запиша 16 поени со 6 скока.

Лејкерс одигра маестрален натпревар и во првата четвртина постигна дури 42 поени а отидоа на +29 поени разлика во вториот период. Во првиот дел од мечот уфрлија 15 тројки од 22 шута.

ЦЕЛ ТИМ ИГРАШЕ ДОБРО ПОРАДИ РЕАЛ МАДРИД

После натпреварот, Лука Дончиќ бил многу расположен дал необичен одговор на едно новинарско прашање на што се должи ваквата неверојатна партија на ЛА Лејкерс:

„Мислам дека целиот тим беше инспириран зошто Реал Мадрид победи во кошаркарското Ел Класико денес“.

Имено Реал Мадрид на гости ја совладал Барселона 89:91 во шпанската АЦБ лига и на табела дополнително им избегал на Каталонците. Реал е прв со 22 победи и 4 порази а Барселона е 5-та со 15 победи и 11 порази.

7 април 2025 - 08:57