Луда драма во Леверкузен со мега пресврт во 93-та и 97-ма минута

Баер Леверкузен го прати Карабах дома, а мене ме однесе до инфарктно стање, рече коментаторот на Арена Спорт, кој со многу жар и емоции ја коментираше супер интересната и многу возбудлива осминафинална пресметка во ЛЕ.

Од најзвучните екипи во осминафиналето од ЛЕ и најголеми фаворити за тронот, Ливерпул ја збриша Спарта Прага со вкупни 11:2, Милан ја мина Славија Прага со 7:2, а Рома го реши Брајтон со 4:1.

Баер Леверкузен помина многу потешко, со драма која ќе ја паметат, а во која херојот се вика Патрик Шик. Чешкиот центарфор постигна вкупно три гола во судиските продолженија.

На првиот дуел во Азербејџан погоди во 92-ра за 2:2 и синоќа уште два пати. Тимот на Чаби Алонсо практично се врати од мртвите. На полувреме имаше изненадуачна негатива од 0:2 и бркаше 2 гола за продолженија или 3 за четвртфинале.

Им успеа второто, а пресвртот го најави 20 годишниот Флоријан Вирц кој во 70-та минута намали на 1:2. Во 93-та и 97-ма минута се случи она инфарктно стање за кое зборува коментаторот со два гола на Шик за пласман во четвртфинале и продолжување на серијата од неверојатни 37 меча без пораз на сите натпреварувања.

Доминацијата и офанзивата на Баер изразена во статистика.

За момците на Чаби Алонсо фудбалот се игра до последна секунда. Само оваа година добиле четири меча во продолженија. 

Ждрепката за четвртфинале е денеска од 13 часот, а конкуренцијата за пехарот е страшна. 16 титули во Лига на шампиони се кријат меѓу овие екипи.

15 март 2024 - 08:19