Ливерпул игра па растура

Малиот Лутон Таун синоќа прв поведе на славниот Енфилд Роуд 0-1 со голот на Огбене и изненадувачки водеше на полувремето. Но во вториот дел црвените направија пуздер и славеа 4-1 со головите на Ван Дајк во 56-та минута, Гакпо во 58-ма, Луис Диаз во 71-ва и Харви Елиот во 90-та.

И покрај тоа што веќе подолго време играат без повеќе од пола првотимци кои се отсутни поради повреди, без својот најдобар играч Мохамед Салах, без првиот шпиц Дарвин Нуњез, без Жота, без голманот Алисон, без одличните Собослаи и Бајчетиќ, без Тиаго Алкантара, Трент Александар-Арнолд, црвените прават дар-мар.

Во најдобрите 5 лиги во Европа, а сигурно и многу пошироко, Ливерпул е најефикасен до овој дел од сезоната со дури 100 постигнати гола. Ваков учинок е ретко виден до овој момент од сезоната.

Ливерпул е прв на табела во Премиер лига со 60 бода но и меч повеќе од Манчестер Сити и Арсенал кои имаат 56 односно 55 бода. Црвените активно се борат за дури четири пехари сезонава: во Лига Европа, во Премиер лига, во ФА Куп и во Лига Куп каде сега ги чека финале со Челси на „Вембли“ на 25-ти февруари.

 

22 февруари 2024 - 10:13