Лидерот на англиската Премиер лига Манчестер Сити после повредата на нивниот можеби најдобар играч сезонава Лирој Сане (11 гола и 14 асистенции во сите натпреварувања), реши уште да се засилува иако неколку часа претходно дадоа 57 милиони фунти за 23-годишниот стопер на Атлетик Билбао Ајмерик Лапорт.
Во канцеларијата на Лестер стигнале дури 4 понуди од Манчестер Сити за Ријад Марез.
Во средата „граѓаните“ се одлучиле за екстремна понуда од 65 милиони фунти (74 милиони евра). Покрај сумата им дале и право на еден играч + бонуси. Но Лестер ја одбил и таа варијанта како недоволно интересна.
Сензационалниот шампион на Англија од пред две години сакал да го задржи Марез до лето и поради тоа му заврзале цена од неверојатни 95 милиони фунти (играч + пари) што за Сити било апсолутно неприфатливо и за неколку часа до затворање на преодниот рок излегле од преговорите.
Како што соопшти Sky Sports кој се повика на најдобриот другар на Марез, Алжирскиот фудбалер е крајно разочаран:
„Тој (Ријад) не сфаќа зошто Лестер се понесе така. Ова е веќе четврт преоден рок клубот да соопштува дека ќе му дозволи да замине, но ништо не прави во врска со тоа. Ријад е уверен дека направил се што можел во Лестер: во првата сезона учествуваше во враќање на клубот во Премиер лига, потоа му помогна да стане шампион а после барањето на претседателот да остане во клубот за да му донесе стабилност, прифати да остане. Притоа они ги дадоа Канте и Дринквотер и од Марез можеа да заработат најмногу пари во клуспката историја. Многу поранешни играчи на Лестер кажуваа дека за излез од клубот морале да почнат војна, а Ријад се трудеше да избегне конфликт“, рекол другарот на Марез.
Еден од најзаслужните за титулата на Лестер сакал да оди во Сити и да работи со Гвардиола којшто го бараше втор преоден рок во една сезона. Минатото лето Лестер одби три сериозни понуди од Рома за Алжирецот (последната околу 32 милиони фуни), и Ријад јавно раскажа за лошиот однос на управата кон него.
„Во летото 2016 се договоривме со претседателот да останам уште една година за да му помогнам на тимот во Лига на шампиони по триумфот во Премиер лигата. Но сега дојде време да заминам и да имам нови предизвици“, рече Марез во летото 2017-та.
Откако Лестер излегол од преговори со Сити, Марез толку многу се разочарал и налутил што не дошол на тренингот пред мечот со Евертон. Таквата постапка не им се допаднала некои соиграчи.
Лестер загуби од Евертон (2:1), Марез не беше ниту на клупата. „Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата. Се надевам дека Ријад брзо ќе си дојде на себе и ќе сака да игра пак за нас. Сакам да видам дека му се допаѓа фудбалот и екипата“, рекол после мечот тренерот на Лестер, Клод Пуел.
Марез сега нема избор: мора да се врати во клубот (има договор на уште 2,5 години). Или да се надева дека неговиот менаџер Киа Ѓурабџиан кој неодамна го продаде Филипе Кутињо во Барселона, ќе смисли нешто поинакво.