Легендарниот Нотингем Форест се врати во Премиер лига после 23 години

Англиската Премиер лига го дозна и третиот нов член кој доаѓа од Чемпионшип. После Фулам и Борнмут, сега и Нотингем Форест се пласираше во елитата откако во финалето на плејофот го совлада Хадерсфилд 1:0 со автогол на стоперот Леви Колуила.

Легендарниот Нотингем Форест кој во 1979 и 1980 стана европски шампион и доминираше со континентот, сега се враќа во најдобро друштво. Форест доаѓа во Премиер после цели 23 години. Од самото основање на елитната лига Нотингем помина во трета и втора лига.

СО ДЕЦЕНИИ МЕНУВАА ТРЕНЕРИ И СОПСТВЕНИЦИ, АМА НИШТО НЕ ИМ ПОМОГНА

Нотингем Форест важи за еден од потрофејните клубови во цела Англија. Има шампионска титула во 1978-ма и два пехари од Купот на европски шампиони. Во ’80-те и почетокот на ’90-те Нотингем редовно стигнуваше до самата завршница на англиските купови но оттогаш наваму го изгуби статусот на голем клуб.

Во мај 1993-та останаа без легендарниот тренер Брајан Клаф кој во Нотингем работел цели 18 години. Во сезоната 1998/99 Форест испаѓа од Премиер лига. Уште се памети најтешкиот пораз во клупската историја, од февруари 1999-та кога Манчестер Јунајед ги згромил 1-8.

После тоа Форест редовно менувал тренери и управи но разочарувањата оделе едно по друго. Посебно жално било во 2006-та кога Нотингем испадна во третата англиска лига. Клубот го презел Гари Мегсон кој два пати го внесуваше Вест Бромвич во Премиер лига.

Но со Нотингем не му успеа и испаднаа во трета лига. Во трета лига Форест поминал две сезони по ред и на навивачите не им било нималку лесно.

Но потоа им се погоди една добро скоцкана екипа и во 2008-ма се вратија во Чемпионшип. Во првата сезона за малку не испаднаа пак во трета лига, во следните две сезони играа во баражот за пласман во Премиер. Во 2010-та сонот им го урна Блекпул а во 2011-та Свонси.

Во зимата 2012-та година, кога клубот фатил добар курс и се стабилизирал, неочекувано починал сопственикот на клубот Најџел Даути кој во 1999-та го спасил Форест од банкрот и гаснење.

Новата управа беше составена од катарскиот бизнисмен Фаваз Ал Хасави. Но екипата играше очајно и паѓаа се пониско и пониско. Во 2017-та за влакно не испаднале назад во трета лига. Завршиле на 21. место и само поради минимално подобра гол-разлика од Блекбурн избегнале испаѓање во понизок ранг.

Ал Хасави го продава Нотингем Форест во 2017-та а нов сопственик станува контроверзниот Грк Евангелос Маринакис (долгогодишен газда на грчкиот шампион Олимпијакос).

Смената на сопственици не тргна на добро зошто Нотингем ниту еднаш не влезе во плејофот а во 2021-ва завршиле на 17. место.

Но навивачите не се откажувале од деценискиот сон и ги полнеле трибините во поддршка на екипата.

Во 2020-та година во време на глобална пандемија, на стадионот биле поставени картонски копии од слики на навивачите а меѓу нив биле и принцот Хари и сопругата Меган Маркл. 

СОНОТ ГО ОСТВАРИЈА ВО 2022-РА

Конечно им се оствари најголемата желба на илјадници навивачи на некогашниот европски првак. На стартот на сезоната 2021/2022 Нотингем Форест бил на последно место во Чемпионшип со шест порази во седум кола! Имале гол разлика 5:12.

Логично после таков мизерен почеток Крис Хјутон добил експресен отказ а наместо него на клупата седнал Стив Купер. Претходно овој тренер го водеше Свонси, работел во академијата на Ливерпул и со англиската младинска репрезентација со која во 2017-та станал светски шампион.

Доаѓањето на Купер се покажало како полн погодок. Направил одлична атмосфера во екипата, имало хемија меѓу играчите и Нотингем Форест полека но сигурно излегувал од криза.

Екипата во претпоследното коло изгуби од главниот фаворит за Премиерлига Борнмут и заврши четврта инаку малку фалело да одат директно во елитата како второпласирани.

Следувала плејоф драмата и најскапиот меч на светот, баражот за пласман во Премиер. По серијата пенали против Шефилд Венздеј во полуфинале, во големото финале автогол си дал фудбалерот на Хадерсфилд, Колуила за огромна радост на навивачите на Нотингем.

Лудо славје!

После 23 години ќе бидат дел од најдоброто друштво со Манчестер Сити, Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Арсенал, Челси, Тотенхем....

30 мај 2022 - 08:03