Легендарниот голман со шест Мундијали со тешко срце се повлекува

Гиљермо Очоа со тазе наполнети 41 година, оди во пензија после 22 години кариера. Одлуката ја соопшти со емотивно видео, преполно со спомени изградени за време долгото фудбалско патешествие.

Легендарниот Очоа заедно со Лионел Меси и Кристијано Роналдо го одиграа рекордното шесто Светско првенство. Мексиканскиот голман влезе од клупата за резерви на дуелот со Чешка (3:0), бранеше 12 минути и влезе во вечноста.

Беше стартер на три од нив: Бразил 2014, Русија 2018 и Катар 2022. Се памети неговиот настап против домаќинот Бразил, кој го сопре со шест интервенции и извади 0:0. 

Во Катар му фати пенал на Левандовски и стана првиот мексикански голман кој одбранил пенал на СП.

Очоа се калеше во академијата на Клуб Америка, а неговото враќање во клубот по играњето во Франција, Шпанија и Белгија предизвика делириум, со илјадници навивачи кои го пречекаа на аеродром летото 2019 година.

Дебито во првата лига со Клуб Америка од Мексико Сити му беше во февруари 2004 година. По седум сезони замина во Ајачио во 2011 година и стана првиот голман роден во Мексико, кој играл во Европа. 

Во неговата европска кариера бранеше и за Малага, Гранада, Стандард Лиеж, Салернитана, АВС Футебол и АЕЛ Лимасол.

На меѓународната сцена го предводеше Мексико до шест титули на Златниот куп на КОНКАКАФ и освои бронзен медал на Олимписките игри во Токио 2020 година.

„Дадов сè од себе, оставив сè на теренот за моите клубови и репрезентацијата, а денес ги закачувам ракавиците. Да се ​​биде голман значи да знаеш дека може да чекаш 90 минути за еден момент кога сè зависи од тебе. И кога ќе дојде тој момент, не можеш да се двоумиш. Никогаш не замислував колку далеку може да ме однесе еден сон. Денес, можам само да се осврнам назад со гордост и да кажам: Ви благодарам. Ја носам со себе љубовта на милиони луѓе и мирот во умот што доаѓа со сознанието дека дадов сè за Мексико.“, вели човекот со 153 настапи за својата земја.

Инаку Очоа е роден на петок 13-ти во 13 часот, а на Светско дебитирал на 13 јули во 13 часот. Бројот на дресот му беше 13.

22 јули 2026 - 12:19