Како не треба да водиш клуб

Лацио и Лотито - Бесмисленоста на едно постоење

Кога во еден момент суетен, фрустриран и арогантен човек ќе се здобие со прилика да води голем колектив, резултатот е: празни трибини, пустелија од стадион, многу непријатели и реалното прашање мораше ли вака?

На една прес-конференција во февруари 2014. година на Клаудио Лотито му заѕвонил телефонот. Погледнал на екранот, театрално направил пауза и непосредно откако се јавил го ставил мобилниот пред микрофонот во полна сала.
 
Од другата страна се слушна врисок на соговорникот. Некој непознат човек, безимен навивач на Лацио какви што има илјадници, спремни да земат палки и да се борат за клубот. Луѓе кои сметаат дека физичката сила може да го спаси клубот. Друг начин нема. Сè е пробано.
 
Лотито не направи ниедна гримаса, само кратко му одговори: „Нормален си, за во лудница“. Стоички го ислуша монологот полн со бес и се сврте кон новинарите.
„Ова е слика од ситуацијата. Време беше да видите како живеам опкружен со омраза на луѓе кои сонуваат да ја ослободат претседателската фотелја. Добивам од 50 до 80 повици од псевдонавивачи. Бараат да си одам од Лацио, ми се закануваат по живот. Морам да одам со обезбедување, затоа што тие луѓе ја преминаа и последната линија на тоа што е дозволено", изјави Лотито тогаш.
 
Ова се случи набрзо после продажбата на Ернанес во Интер - момент кој уште еднаш ги потсети навивачите за бедната состојба во големиот Лацио. Клубот стана бледа слика од некогашниот шампион, а позицијата на табелата ги боли навивачите кои ја бараат смислата на своето учество околу клубот. Од 2013. година „Бјанкочелестите" имаат само една „бронза", а во останатите три години завршуваа во сивиот просек: седми, осми, деветти.

Работите стануваат се полоши. Лотито се надвиси околу Лацио во 2004. година кога клубот беше ранет и практично лежеше на прашливиот терен. Лотито го купи, нешто „зачисти", крена рака во светлоста, но суетата никако не ја згасна.

„Го спасив клубот од банкрот. Лацио беше во кома. Сега тимот е вратен во нормален живот. Пред моето доаѓање, Лацио должеше 550 милиони евра, но сигурен сум дека имам светла иднина. Сега клубот е финансиски стабилен, неколку години ја развиваме младинската школа. За жал, како претседател имам постојан конфликт со навивачите", се правдаше Лотито пред неколку години за очајните потези кои ги влече.

Лотито никогаш не бил спасител ниту херој. Тој отсекогаш тежнеел да направи непријатели апсолутно насекаде - нешто слично како Маурицио Ѕампарини кој е „мало маче" во однос на претседателот на Лацио кој се однесува како Бенито Мусолини. Клаудио пцуеше судии и се обиде да влијае на нивно делегирање, се вмеша во изборот на селектор на репрезентацијата, водеше преговори за продажбата на телевизиски права за Серија А, се расправаше со Јувентус во врска со реформа на првенството.

И што е главно - ги разбесни дури и малите клубови како Фрозиноне и Карпи кои се обично тивки и не р’жат. Лотито имаше испад во едно интервју во врска со раководењето на Серија Б:

„Ако продолжат да се пласираат така мали клубови во Серија А, нема да ни остане ни лира. Кој идиот би купил ТВ права со такви клубови?", изјави Лотито.

Сите овие скандали изгледаат бледи и плитки во однос на тоа што се случи во Лацио на почетокот на јули. Новиот тренер Марсело Бјелса побегна од клубот само 48 часа по потпишувањето на договорот со Лацио. Сите ги изненади таквиот развој на настаните, а капак на се беше дека Бјелса заминал затоа што Лотито му ветил на стручниот штаб 4 трансфер пред почетокот на подготовките, но Лацио ништо не купи, па ниту започна преговори за приоритетните играчи.

Соочен со таква рамнодушност, Бјелса ги собрал помошниците и заминал: „И покрај четири недели работа, не видовме никаква акција на дело од претседателот Лотито за спроведување на договорениот план. Три дена пред собирот на екипата немаше ниеден нов играч. Не можев да донесам поинаква одлука, затоа што секогаш зборувам како изгледа мојот начин на работа.", откри Аргентинецот зошто си отишол од Лацио.

Покрај тоа, Лацио во еден момент остана без двајца класа фудбалери. Фелипе Андерсон не дојде во базата поради неспремност на клубот да го продаде, а уште полоша беше ситуацијата со Кеита Балде кој јавно раскажа дека има конфликт со управата поради неисполнети ветувања.

"Некои луѓе во клубот работат по сопствен терк, не слушаат никој и ништо. Еден збори едно, друг прави друго. Ова не е изградба на тим, туку рушење", заклучи Кеита во образложувањето до навивачите.

Реакцијата на Лотито беше неочекувано емотивна:

„Бјелса живее во бескрајни пампаси (големи степски пространства во Јужна Америка), но тука постојат строги правила и прописи. Направив грешка уште на почеток. Ми викаа дека навивачите со него го гледаат тимот полн со ентузијазам, но Клаудио Лотито цени само факти. Симоне Инзаги беше мој приоритет, но го избрав Бјелса само да ги задоволам навивачите. Бев во заблуда. Сакав да сонувам, но се се претворив во Макиавели", истакна најомразената личност во Рим.

Потоа Лотито имаше серија изјави за преговорите: Како Бјелса наводно барал плата во долари, а Клаудио можел да исплаќа само во евра, како наводно Бјелса барал пет карти за бизнис класа летови до Аргентина и пет мобилни телефони со неограничена тарифа, како барал хотел со пет ѕвезди и многу други работи. На прес-конференцијата по повод драмата со Биелса, Лотито не дозволи новинарите да поставуваат прашања („Гости сте во наша куќа, а тука ние ги поставуваме правилата“).

Лотито во старт го обвини спортскиот директор на Рома, Валтер Сабатини дека наводно тој го минирал доаѓањето на Бјелса во Лацио. А кога му го покажале видеото на кое Франческо Тоти се смешка кога ги чита вестите за бегството на Бјелса, Лотито испровоциран изјави: „Немам појма зошто се смее Тоти. Во Рома нема никаква структура и организација, немаат воопшто пари, ќе видите скоро".

Претседателот на Рома, Џејмс Палота не сакал погрдно да одговара, па кажа што мислеше во два твита: „Го обожавам типов! Толку ме засмејува. Ова е шега на месецот. Но многу ми е жал за навивачите на Лацио кои се приморани секој ден да се носат со тоа. Заслужуваат подобро".

Само што го преживеа срамот со заминувањето на новиот тренер, непосредно пред почетокот на подготовките за новата сезона, околу 5.000 навивачи излегоа на протест на плоштадот кај базиликата на Светите Апостоли и итно бараа оставка на Лотито.

Секако дека овој протест е апсолутно бесполезен, затоа што Лотито „мува не го лази", но и тоа како силна порака пратија навивачите на Лацио кои решија да му направат нова ноќна мора на претседателот со тоа што по стартот на продажбата на сезонските карти за Олимпико биле продадени само 11! Со зборови единаесет карти. Тоа е апсолутен рекорд по најниска продажба во Европа.

Бојкот, празни трибини, пустелија и чувство на бесмисленост на постоењето. Се чини дека Лацио комотно би можел да се пресели во македонското првенство.