За мобингот на првиот човек на Лацио пишувавме откако со неколку играчи на Лацио се раздели по судски пат, а на тоа му претходеа уцени од негова страна до фудбалерите кои доколку не го слушаат ќе седат на клупа. Тоа многу добро го знае и Горан Пандев.
Најновата епизода од серијата Клаудио Лотито и неговите ветувања се претвори во скандал кој е топ тема утринава во италијанските медиуми. Лацио на 6 јули излезе со соопштение дека Марсело Биелса е нов тренер на Лацио, а Лотито на таа тема изјави:
„Има соопштение во кое стои дека договорот е потпишан. Ќе видиме што ќе се случи“.
На 8 јули се случи тоа што само може уште повеќе да ги збесне навивачите на Лацио кои цела сезона го бојкотираа Лотито и направија рекордна мала бројка на посетеност на Олимпико, само поради неговиот дрзок однос и трансфер политиката која ја води.
Биелса синоќа го известил клубот дека нема намера да седне на клупата на Лацио. Причините за сега се непознати, а претпоставките се дека не е најден заеднички јазик. Биелса бараше одврзани раце околу изборот на играчи, но Лотито и Таре не важат за флексибилни луѓе и се познати по тоа што сакаат целосно да ги диктираат работите околу тоа кој останува, кој си оди и кој ќе се купува.
Претседателот на Лацио најавува дека ќе го тужи аргентинскиот стратег, а според некои натписи тој намерно не го официјализирал назначувањето на Симоне Инѕаги за нов тренер на неговиот втор клуб Салернитана. Планот Б му бил ако Биелса не дојде, тренер на Лацио останува напаѓачот кој беше дел од последното Скудето.
Во оваа ситуација тој не се очекува да го викне Прандели со кој се ракуваше и му рече: „Вие сте тренер на Лацио“, а потоа го напушти без ниту еден телефонски повик. Од човекот кој една деценија држи лекции по етика во италијанскиот фудбал, навивачите не ни очекуваат да ја каже вистината за тоа како пропадна договорот со Биелса.
Тренерот со прекар Ел Локо прво требаше да пристигне во Рим на 6 јули, па на 9-ти, но ова сепак ќе остане само уште една симптоматична и неостварена зделка на Лотито кој во 5 до 12 остана без стратег со вакво педигре:
Неговите тренинзи траат во просек по три часа, детален е и обично ги спрема фудбалерите зад затворени врати. Од клубот барал посебно возило за тренинзи, како она што го користат лекарските тимови кога возат повреден играч. Има камера, снима се и после тренингот им укажува на грешките на играчите.
Секогаш е во тренерките од клубот и сака клуч од тренинг центарот на клубот, бидејќи се случува среде ноќ да оди и да изгледа некој меч за да го простудира противникот. Така работел во Марсеј. Сака брза игра и напаѓачки фудбал, а неговата препознатлива тактика е 3-3-3-1.
Средба со претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Карло Тавекио во Фиренца каде им држеше предавање на италијанските стратези.
Меѓу нив внимателно слушаше и Антонио Конте.
Неговиот медот е: „Фудбалот е движење, поместување. Треба секогаш да се трча. Секој играч, во секоја околност има добра причина за да трча. Во фудбалот не постои ситуација каде еден играч може да си дозволи да стои на терен“.
Дебитрал како тренер на Њувел Олд Бојс со кој освоил титули во 1990 и 1992-ра. Потоа и со Велез во 1998-ма.
По кусиот престој во Еспањол, седна на клупата на селекцијата на Аргентина која ја водеше од 1998-ма до 2004-та. На Олимписките игри во Атина го освои златниот медал.
Истата година го загуби финалето на Копа Америка на пенали од големиот непријател Бразил.
Продолжи како селектор на Чиле во периодот од 2007-ма до 2011-та. Не освои трофеј, но со учеството на Мундијалот во Јужна Африка ја врати земјата на Светските првенства. Имаше историски триумф над Хондурас по пауза од 48 години.
Потоа го водеше Атлетик Билбао на кој му донесе убава игра за око, а стигна и до две финалиња кои не успеа да ги освои. Копа дел Реј и Лига Европа.
Се префрли со Франција каде стана тренер на Олимпик Марсеј со кој во сезоната 2014/2015 заврши четврти на табела.
Со престој од една сезона ги освои симпатиите на навивачите.