Контроверзниот Клаудио Лотито против кој неколку месечен судски спор водеше нашиот репрезентативец Горан Пандев, не престанува со својот терсене однос кон своите фудбалери. И покрај одличната форма на Лацио кој сезонава под водство на Владимир Петковиќ е на високото трето место на табелата во Серија А, работите во клубот не се сјајни.
Од година во година првиот човек на тимот од Рим, ги полни страниците на италијанскиот печат со своите контроверзни изјави, уценувања кон играчите кои не сакаат да потпишат договор скроен по негов вкус, а многу често е во војна и со агентите кои мака мачат во преговорите со него.
Само оваа сезона од составот на „Бјанкочелестите" се исфрлени четворица играчи кои натпреварите на својот тим ги гледаат на ТВ екраните. Најсвеж е примерот со десниот бек Каванда кој во последното коло во Серија А, не беше дел од составот поради тоа што одбил да го потпише новиот договор кој му бил понуден.
Според зборовите на неговиот агент Улисе Салвини, Белгиецот заработува скромни 100 000 евра годишно, сума која на пример играчите во Премиер лигата ја инкасираат еднаш неделно. Тој во интервју за веб порталот Lazialita' изјавува дека Лотито му понудил дупло поголема плата, но сепак со 200 000 евра годишно, Каванда не се задоволува.
Салвини има проблематичен случај со уште еден дефанзивец на Лацио кој го застапува, а тоа е Мобидо Диаките. Ситуацијата со него се развлекува уште пред почнувањето на сезоната кога не дојдоа до компромис фудбалерот и раководните луѓе на клубот. Тоа се разбира оди најмногу на штета на самиот играч кој поради принципите на Лотито нема ниту еден настап оваа сезона.
Според изјавите на претседателот на Лацио пред два дена, моменталната плата на Французинот од 250 000 евра, тој сакал да му ја зголеми на 850 000, но желбите на Диаките биле милион евра по сезона. За разлика од Каванда за кого иднината е неизвесна, последните натписи на италијанските весници се дека Диаките веќе се договорил со Наполи и од наредната сезона ќе му биде соиграч на Горан Пандев.
Останатите двајца фудбалерите кои се на маргините на клубот се Мауро Ѕарате и Пасквале Фоџа. По тригодишниот престол на Аргентинецот на „Олимпико", тој беше позајмен во Интер, а оваа сезона повторно е дел од тимот на Петковиќ, но само на хартија. Иако кешира 2,1 милиони евра по сезона, Ѕарате не се наоѓа ниту на клупата на Лацио, а зошто е тоа така најдобро знае само Лотито. Слична е ситуацијата и со Фоџа кој од необјаснети причини зема плата, а не игра.
По последната информација за неиграњето на Каванда, на својот Твитер профил Ѕарате се пошегува и напиша, „Добредојде во клубот на непожелните, не се секирај ќе те примиме без проблеми".
55 годишниот Кладуио Лотито кој од 2004 година е претседател на Лацио, во македонската јавност е познат по големата "војна" со Горан Пандев кој по пет години минати во синобелиот дрес сакаше да ја промени средината. По неговите златни мигови во Лацио каде влезе во историјата на клубот во топ 10 листата на најдобри напаѓачи, неговото заминување беше неславно.
Пандев сакаше да си замине, но Лотито не дозволуваше, па целата таа сага влезе во судските лавиринти која траеше со месеци. На крајот Пандев го доби судскиот спор со незгодниот Лотито и откако му беше раскинат договорот потшиша за Интер. Една година пред него на сличен начин си замина и играчот од средниот ред Масимо Мутарели.
Единствениот случај кој заврши со среќен крај беше спорот помеѓу Ледезма и Лотито, а кој наликуваше дека ќе има исход сличен на оној со Пандев. По долгите преговори помеѓу неговиот агент Винченцо Д'Иполито и Клаудио Лотито, аргентинскиот играч за врска потшиша нов договор со Лацио до 2015 година за годишна плата од 1,6 милиони евра.