Ла Лига стана спонзор на Ланваирпуллгуинхил-лгогерихуирндробул-лллантисилиогогогох

Не, не е ништо погрешно со насловот. Станува збор за велшки клуб од петта лига чие име е составено од 58 букви! Шпанска Ла Лига реши да го спонзорира овој необичен клуб.

Преку своите профили на социјалните мрежи Ла Лига соопшти дека станала спонзор на петтолигашот од Велс чие име не може да го прочита ни тој што го смислил.

Овој клуб се наоѓа од истоимениот град на островот Англиси на северо-западниот брег од Северен Велс, познат со најдолгото име на светот.

Скратено градот и клубот се познати како Ланфаир. 

ШТО Ѝ ТЕКНАЛО НА ЛА ИГА?

Соработката меѓу шпанската фудбалска лига и овој велшки нисколигаш почнува сега за сезоната 2023/2024 а на дресовите на екипата ќе стои логото на Ла Лига.

Претседателката на клубот. Саманта Џонс-Смит била воодушевена од соработката: „За нас е многу инспиративно партнерство. Не само што е ова најголема соработка од кога и да е во клубот, туку ќе ни овозможи да унапредиме како на терен така и надвор од него“.

Управниот директор на шпанска Ла Лига за Велика Британија и Ирска, Киган Пирс ја нарекол Ла Лига нешто повеќе од обичен шпански фудбал.

„Ова е најголемиот фудбалски екосистем на свет кој го гледаат и на кои му се восхитуваат милиони. Партнерството ќе стане одлична можност за да заживее нашата нова симболика LL (иницијали на Ла Лига и букви кои споени ги има на неколку места во огромното име на клубот).

ОД КАДЕ ПОТЕКНУВА ОВОЈ ЧУДЕН НАЗИВ СО 58 БУКВИ?

Велшкиот термин Ланваирпуллгуингиллгогерихуирндробуллллантисилиогогогох во превод значи опис на црква на Пресвета Марија.

Се смета дека називот бил смислен од локалните крајбрежни работници во 1860-те години со цел да се привлечат туристи - па затоа на ова место му го дале едно од најдолгите имиња на свет.

До тој момент селото имало исто долго име но не како подоцна. Се викало Ланваирпуллгуингил. Во него денес живеат околу 3.000 мештани. Го нарекуваат и едноставно Ланваир-Пулгуингил

Се претпоставува дека ова е втор најдолг топоним на светот, веднаш зад оној од Нов Зеланд, место кое во своето име носи 83 букви! Тауматафакатангихангакоауауотаматеатурипукакапикимаунгахоронукупокаифенуакитанатаху

Во 2002-ра година ова село од Велс влегло во Гинисова книга на рекорди. Во 2015-та година британскиот водител на временска прогноза Лиам Датон на каналот Channel 4 успеал да го изговори името без ниту еднаш да застане и ги воодушевил сите.

Фудбалскиот клуб-јунак на приказнава е стар 125 години но речиси никогаш немал значителни резултати. Најголем успех им се две шампионски титулу во третата велшка лига а сега се петтолигаши.

На Википедија може да се најде уште и дека играат на мало стадионче кое собира едвај илјада луѓе. Составот им е загадка дури и за најголемиот рудник Transfermarkt.de кој успеал да избунари тројца играчи но без повеќе детали занив.

На социјалните мрежи овој клуб има помалку од две илјади следбеници. На Твитер во 2022 имале само една објава и тоа ре-објава. 

Сега сигурно со спонзорство од Ла Лига ќе добијат поголемо внимание и нови симпатизери. 

Играчите за првпат ќе ги носат новите дресови со логото на спонзорот Ла Лига во сабота кога играат против локалниот ривал Холихед Таун.

Во новата сезона имаат една победа и два порази.

Велшкиот нисколигашки фудбал привлече внимание откако во 2020-та година познатите холивудски ѕвезди Рајан Рејнолдс и Роб МекЕлхени станаа сопственици на клубот Рексам кој игра во англискиот фудбалски систем.

Ла Лига соопшти и дека сака да развие однос со фудбалот во Велика Британија, па така освен овој велшки клуб, спонзорира и некои летни кампови ширум Англија како и аматерска фудбалска лига во северен Лондон.

14 септември 2023 - 11:01