Кваљарела е луд

„Старото“ нема намера да застане. Игра во сјајна форма и дава голови на 11 меча по ред што не се случило уште од далечната 1994 година.

Има 36 години а во моментов е главна ѕвезда во италијанската Серија А. Фабио Кваљарела постигна два гола на мечот против својот некогашен клуб Удинезе (имаше и асистенција) и го израмни рекородот на Габриел Батистута - 11 гола по ред во италијанската лига.

Батигол тоа го оствари пред 24 години.

Кваљарела следната недела полни 36 години и тој во моментов е прв стрелец во Серија А со 16 гола. Кристијано Роналдо и Дуван Запата имаат по 14.  Неверојатниот Фабио минатата сезона беше исто екстра-ефикасен со 19 гола на 25 меча а сега има големи шанси да го надмине тој учинок.

Неговиот подвиг е уште поголем ако се знае низ што се мина пред неколку години. Во затвор во Неапол заврши еден психички нестабилен полицаец кој на Кваљарела со месеци му праќал анонимни писма и му се заканувал. Кога Фабио премина од Јувентус во Наполи во 2010 година, постојано му стигнувале писма дека неговите родители ќе настрадаат.

За да го сруши рекордот на Батистута, на Кваљарела му треба уште еден гол на следниот меч и тоа против неговиот Наполи.

****

Габриел Батистута во 1994-та година како центарфор на Фиорентина постигна 11 гола по ред.

„Јас влегов во историјата на италијанскиот фудбал. Може да се случи после 20 години да дојдете кај мене дома во Реконкиста (родниот дом на Батигол во Аргентина) за да ми кажете дека се појавил некој нов Батистута кој го срушил мојот рекорд“, раскажал тогаш легендарниот центарфор.

Батигол тогаш го урнал рекордот на Ецио Паскути од Болоња кој во 1962-ра година дал 10 гола по ред во Серија А. Кога му кажале на тогаш веќе стариот Паскути дека рекордот му е надминат тој рекол: „Среќен сум затоа што никој не се сети на мене и мојот рекорд до ден-денешен.“

Батистута во Фиорентина го одигра најдобриот период во својата кариера (1991-2000). Во виолетовиот дрес на 332 меча постигна 207 гола. А Кваљарела за рекордот вели: „Незамисливо е! Не е можно дека се случи вакво нешто. Немам зборови искрено. За неколку дена ќе полнам 36 години, многу сум горд и задоволен. Следна цел? Просто да го играм следниот меч и да уживам во фудбалот. Не излегувам на терен со единствена цел да давам голови. Играм за да им местам голови на соиграчите. Искрено.“