
Во улицата Емануеле де Део се наоѓа еден од најважните симболи на градот Неапол - муралот посветен на Диего Марадона кој на Наполи му донесе толку посакувани скудета, во 1986/1987 и во 1989/1990.
Во Неапол, локалната полиција по серија контроли во населбите Авоката и Монтекалварио, во познатиот реон „Шпански кварт“ каде е туристичкиот епицентар на градот, одзела роба од двајца улични продавачи, едниот за храна другиот за други сувенири. Им пишале и казна од по 5.000 евра за незаконска окупација на јавен простер во рамки од 9,4 метри квадратни.
Инспектори откриле и кражба на струја во продавница непосредно во сама близина на муралот на Диего Марадона па на едно лице му е пишана кривична пријава.
Во знак на протест локалните жители го прекриле со платно муралот на Марадона неколку часа, а малата капела со статуетки и меморијабилии од некогашната аргентинска ѕвезда исто била прекриена со сина церада.
„Бараме од општината помош и дозвола за легално продавање“, рекол Анџело Пизани за италијанските медиуми.
Од Градот Неапол соопштиле дека операцијата на полицијата била дел од сеопфатна мерка против илегална трговија и била спроведена во сите делови од градот.