И покрај тоа што вчера играа пред празен стадион, поради казната која им ја изрече УЕФА за нередите кои нивните навивачи ги правеа во Милано минатата година, Хрватите повторно се на удар на јавноста.
За време на вчерашниот дуел против Италија од квалификациите (1-1), италијанските новинари први го сликаа делот од теренот каде очигледно се гледа исцртан кукаст крст, симболот на нацистичка Германија.
Тоа што било незабележливо е дека на дневна светлина не се приметувал кукастиот крст, кој бил видлив само навечер. Најтрагично од сè, како што потенцираат хрватските медиуми е дека на стадионот има 84 камери и сите снимаат кон трибините, а ниту една кон теренот.
„Им се извинуваме на сите гледачи пред малите екрани, на играчите и на гостите поради нацистичкиот симбол кој се виде на тревата. Станува збор за средство, хемикалија која е аплицирана на тревникот на 24 часа пред мечот. Совршено е темпирана кога ќе се види, затоа што не се гледаше претходно. Саниравме колку што можевме на полувремето и ја известивме УЕФА. Тоа е саботажа и криминално дело! Бараме од полицијата да го најде виновникот кој не посрами сите заедно", изјави Томислав Пацак, портпаролот на ХНС.
Веднаш по натпреварот синоќа, полициски инспектори излегле на теренот на Пољуд и направиле увид. Истрагата треба да покаже како и кога е направен кукастиот крст и кој е одговорен за тоа.
Хрватскиот министер за внатрешни работи, Ранко Остојиќ на својот Фејсбук профил напиша дека веројатно некоја поранешна мисица во името на организаторот го прегледувала теренот.