Историски пласман

Кроткиот Кротоне е новиот прволигаш во Серија А

Екипата на Кротоне влезе во историјата, откако првпат во своето постоење обезбеди пласман во Серија А за следната сезона. На три кола пред крајот, со ремито во Модена прославија неверојатен успех.

Кротоне ја освои првата историска промоција во Серија А, но не ја викајте бајка. Викајте ја дело, пишува реномираната Република.

Првиот настап на Кротоне во елитното друштво може да се објасни во два збора, со име и презиме: Рафаеле Врена. Човекот кој во 1993. година ги собирал парчињата од едно напуштено спортско друштво одлучи да сврти страна во клубот кој 80 години не успеал да игра погоре од Серија Ц.

Првиот човек на Кротоне решил да го следи моделот на другите помали клубови како Емполи и Киево: да се потпреш на младите и на убавиот фудбал. Овој проект за 7 години го донесе Кротоне од провинциска екипа во Калабрија до Серија Б каде минале цели 10 години пред исклучителниот успех прославен синоќа.

Во Кротоне минале многу млади таленти како Флоренци, Бернардески и Данило Каталди, но и тренерските имиња Гасперини, Мориеро, Корини, Дел Нери. Со текот на времето Кротоне во 2012. година нанижал 11 победи а во 2014. година собрал рекордни 63 бодови кои му го обезбедиле плејофот, како најава за тоа што ќе следува минатото лето.

Стигнал хрватскиот стратег Иван Јуриќ кои благодарение на амбиентот кој го познавал (играл во Кротоне од 2001 до 2006), знаел што недостига за историски чекор.

Голема поддршка Јуриќ имал од спортскиот директор Џузепе Урсино кој ја направил болната смена на генерации и е најзаслужен што во тимот дошле Мартела, Стоиан (од Киево), Барберис, Ѕампано, Дос Сантос, Ферари, Кордаз, како и позајмените Јао од Интер, Капеци од Фиорентина и Ричи и Балаза од Рома. Млада, но спремна екипа за висок дострел што докажаа сезонава со фантастични резултати. На 4 кола пред крајот, Кротоне има 13 бодови предност во однос на третиот Трапани. Двете први места водат во Серија А, а во моментов втор е Каљари кој има голема шанса да се врати во најдоброто друштво.

Кротоне е пример дека во спортот идеите вредат повеќе од парите и ја потврди тезата на фудбалските романтичари дека фудбалот не е само бизнис, туку и емоција.

Голот на Паладино за пласман во Серија А и прославата на плоштадот во градот:


 

30 април 2016 - 13:18