
Номиналниот домаќин Костарика (мечот се играше на стадион во Доха) поведе уште во 2’ минута на самиот старт на мечот кога нивниот најдобар фудбалер Жоел Кембел постигна гол за 1-0.
Од тој момент па до крајот Костариканците се затворија, „паркираа автобус“ пред својот гол и го чуваа водството.
Нов Зеланд бараше израмнување, создаде неколку шанси и дури и постигна гол преку Крис Вуд од Њукасл. Голот првично им беше признат од главниот судија за голема радост на неколку стотини нивни навивачи во Катар.
Но набрзо по прегледување ВАР снимка, судијата Мохамед Абдула Хасан Мохамед од Дубаи со апсолутно право ја преиначи својата одлука и го поништи голот затоа што во акцијата која му претходеше на голот имаше чист и очигледен фаул од еден фудбалер на Нов Зеланд.
Во 67’ минута од мечот, Нов Зеланд тргнува во напад но по еден лош прием на топка, таа стигнува до фудбалер на Костарика. Во обид да го врати поседот, Костас Барбарусес прави тежок лизгачки старт со отворен ѓон но добива само жолт картон.
Набрзо 43-годишниот судија од Дубаи прегледува ВАР снимка и сфаќа дека фаулот со отворен ѓон е чист за црвен картон што и се случува. Барбарусес добива исклучување и Нов Зеланд со играч помалку до крајот не успева да израмни.
Костарика со капитенот Кејлор Навас слави голем пласман на Светско првенство а прославите биле големи и во Сан Хозе, главниот град на оваа симпатична земја.
Интересно, Костарика во северноамериканските квалификации заврши четврта зад Канада, Мексико и САД и обезбеди место во интерконтиненталниот бараж. Претходно исто преку бараж Австралија го совлада Перу на пенали и се пласираше на Мундијалот во Катар.
Костариканците ќе играат во најсилната група на Светското, со Шпанија, Германија и Јапонија. Иако се аустајдери, на нив ќе треба добро да се внимава затоа што аутсајдери беа и на Светско 2014 но стигнаа дури до четвртфиналето.