Коментатори урлаа, норвешкиот џин постави нов рекорд во Премиер лига

Фудбалерите на Манчестер Сити остварија важен триумф од 3:0 над Вест Хем Јунајтед во заостанатиот натпревар од 28. коло во Премиер лига и се вратија на лидерска позиција на табела. Халанд го оствари она што сите го чекаа.

Манчестер Сити ги пречека „чеканите“ од Лондон на второ место затоа што Арсенал претходно го совлада Челси убедливо со 3:1.

Во првиот дел Сити го притискаше Вест Хем но не успеа да најде пат до мрежата. Но во продолжение од мечот, во вториот дел до врв го наполни голот на гостите.

Прво Најтан Аке во 50. минута погоди за 1-0 а точно 20 минути подоцна Норвежанецот Ерлинг Халанд со преубав гол со лоб удар испиша нова историја во Премиер лига.

Ова беше дури 35-ти гол на Халанд сезонава во елитната Премиер лига и го урна деценискиот рекорд на легендите Алан Ширер и Енди Кол кои дадоа по 34 на времето кога во сезона се играа по 42 натпревари.

До крајот на дуелот Фил Фоден погоди во 85-та минута за конечни 3-0.

Енди Кол постигнал фантастични 34 гола за Њукасл Јунајтед во сезоната 1993/1994, а култниот Алан Ширер кој подоцна стана легенда токму на Њукасл, своите 34 погодоци рекордни ги даде во дресот на Блекбурн 1992/1993.

„Овој рекорд не можеше да го урне подобар дечко. Беа потребни само 28 години. Тој е најдобар!“, твитна Алан Ширер и му честиташе на Халанд кој стигна до бројката од 35 гола.

Со голот против Фулам во неделата, Ерлинг Халанд стана прв играч на некој англиски прволигаш уште од далечната 1931-ва кој во една сезона дал најмалку 50 гола во сите натпреварувања.

Очекувано, коментатори ширум светот еуфорично го проследија голот на норвешкиот џин а соиграчите после мечот во негова чест му направија коридор како знак на голема почит за она што го прави.

Во вториот меч на вечерта Ливерпул со гол на Мохамед Салах од пенал го совлада Фулам со 1:0.

4 мај 2023 - 09:43