Српскиот и хрватскиот шампион Црвена Звезда и Динамо Загреб само со влезот во Лига на шампиони заработија 18,6 милиони евра од УЕФА (без тука да се пресмета продажба на карти, реквизити, реклами).
Белграѓани синоќа го растурија Штутгарт со 5-1 и потсетија на најславните денови од клупската историја во времето на Дарко Панчев, Дејан Савичевиќ, Синиша Михајловиќ, Илија Најдовски, Миодраг Белодедиќ и др.
Тој триумф значи и дека Звезда стигнала до вкупно 27,5 милиони евра (оние гореспоменати 18,6 за пласман плус 6,8 милиони евра врз основа на коефицентот остварен во претходните пет сезони во УЕФА натпреварувањата и плус 2,1 милиони евра колку што за победа дава европската фудбалска унија).
Динамо Загреб е уште побогат: „модрите“ надминаа заработка од 30 милиони евра што е фасцинантна сума. Хрватскиот првак освои 7 бода (забележа две победи и едно реми) па затоа доби и повеќе пари.
Во оваа пресметка не се пресметани средствата од продажба на карти, реквизити од клупските бутици, реклами и бонуси од спонзори.
До крајот на лигашкиот дел на Лига на шампиони има уште три кола. Црвена Звезда ќе гостува кај Милан, па ќе го пречека ПСВ Ајндховен па на крај затвора кај Јанг Бојс на гости во Берн (Швајцарија).
Динамо Загреб на Стефан Ристовски и Аријан Адеми до крајот на лигашкиот дел ќе играат против Селтик дома, против Арсенал на гости и против Милан дома.
На крајот УЕФА наградува и со 275.000 евра за последно место од лигашкиот дел. Претпоследниот на табела ќе добие 550.000 евра а првопласираниот на табела на крај од лигашкиот дел ќе биде побогат за фасцинантни 9.900.000 евра!