За разлика од некои примери каде поради сериозна длабока финансиска криза, клубови згаснуваат, или пак се одрекуваат од традицијата, грбот, па и името со цел да се спасат, постојат и светли примери за тоа како да се опстои во тешки времиња.
Пример за ова е ЦСКА Софија, можеби најголемиот бугарски клуб, којшто пред неколку години се соочи со стравична криза и беше пред гаснење. Постоеа две опции: или да се дадат „под кирија“ и практично да им се смени и грб и историја и сеќавања, или да почнат од нула. Буквално од нула.
Поради неизмирени долгови, Бугарската фудбалска федерација на 22 јуни 2015 ја исфрли ЦСКА Софија дури во трета лига. И „Армејците“ се реогранизираа, се мобилизираа и тргнаа по еден долг пат. На нивните натпревари во трета лига секое коло имаше по минимум 10.000 луѓе, приврзаници на клубот. Навивачите, веројатно од пркос, масовно го следеа тимот кој им возврати со 29 победи на 30 натпревари и експресен пласман во втора лига.
ЦСКА во сезоната 2015/2016 стана првиот третолигаш во историјата на Бугарија кој го освоил Купот.
Двата најголеми софиски клуба, Левски и ЦСКА од година во година пристојно настапуваат во еврокуповите, а долгогодишниот шампион Лудогорец, финансиран од еден од најбогатите луѓе во регионот, скоро секоја година игра дури во нокаут фазата или групната фаза на Лига шампиони или Лига Европа.
Сезонава Лудогорец е на прагот да ја освои деветтата титула по ред во Бугарија (нивната хегемонија започна во 2011/2012 и трае ден-денес. Овој клуб е прв на табелата, со 7 бода предност во однос на Левски Софија и најголемото изненадување на сезоната, Локомотив Пловдив кој сериозно им ги замрси сметките на софиските вечни ривали.
Супер интересна е и завршницата на Купот сезонава, можеби најнеизвесна во Бугарија во последните десетина година.
Четвртфиналето го поминаа ЦСКА Софија, Локомотив Пловдив, Ботев Пловдив и остана уште синоќа да се одигра дербито Лудогорец - Левски. Првиот меч заврши 0-0, па стадионот „Герена“ во Софија беше одлично исполнет.
До 90+5’ минута резултатот беше 0-0 а буквално во последните секунди од мечот Лудогорец доби пенал. Топката ја намести Драгош Григоре но голманот на Левски Милан Мијатовиќ го одбрани. Тоа беше крај на регуларниот дел и се отиде на продолженија и пенали.
А пеналите ги доби Левски со 6-5 и се пласираше во полуфиналето каде се ЦСКА, Ботев и Локомотив Пловдив.
Овој триумф е особено голем ако се знае дека Левски е во финансиска криза откако газдата на овој клуб Васил Божинов и фактичкиот сопственик Георги Попов избегаа во ОАЕ а судот за нив распиша потерница поради финансиски малверзации и затајување данок.
Во меѓувреме во Бугарија се зборуваше дека државната институција Бугарски спортски тотализатор, предвидена да ги спасува клубовите кои имаат сериозни финансиски проблеми, би можела да уфрли 11 милиони лева во касата на Левски, но навивачите на клубот ова го одбиле затоа што така другите не би биле рамномерни во однос на нив. „Кој си направил гревови, треба да си пати“, е нивната девиза, а љубовта кон клубот ги однесе во полуфиналето каде ќе гледаме 2 добри дерби средби, можеби и дуели меѓу клубови од ист град.