Кој веќе се пласираше на Евро 2024, кој уште се бори за карта?

Македонската фудбалска репрезентација речиси да ги загуби шансите за пласман на ново Европско првенство, со оглед на тоа што изгуби од Украина (2:0) а ја чекаат дуели со најсилните во групата, фаворитите Италија на гости и со Англија дома.

На Евро 2024 пласман покрај домаќинот Германија и официјално сигурно обезбедија уште и Франција, Белгија, Португалија, Шпанија, Шкотска и Турција.

Во скоро сите групи има уште непознаници пред последните натпревари. За место во авионите за Германија следното лето ќе играат многу селекции.

КАКО ФУНКЦИОНИРААТ КВАЛИФИКАЦИИТЕ?

Вкупно 23 репрезентации ќе и се приклучат на домаќинот Германија на Европското првенство кое ќе има 24 селекции. Првите 20 места ќе се обезбедат преку овие традиционални квалификации кои се играат сега. Сите прво и второ пласирани селекции од секоја група на крајот ќе одат на Европско.

Останатите 3 места ќе се бараат преку фамозниот бараж од Лига Нации кој е закажан од 21-ви до 26-ти март следната 2024-та година на само пар месеци пред Европското догодина.

КОИ СЕЛЕКЦИИ СЕ БОРАТ ЗА ПЛАСМАН?

Покрај Германците кои се домаќини, Франција предводена од Мбапе, Португалија од Кристијано Роналдо и Белгија од Ромелу Лукаку во директни дуели со ривалите за пласман на Европско: Холандија, Словачка и Австрија, остварија важни победи и удрија печат во визата за Европско.

Во Група А Шпанија ја победи Норвешка на гости 0:1 во Осло, обезбеди сигурен пласман на Европско и истото ѝ го овозможи на Шкотска која одигра супер квалификации и оди во Германија.

Во Група Б Французите беа очекувано најдобри со 6 победи на 6 меча, 18 освоени бода и сигурно прво место. А за второто ќе се борат Грција и Холандија. Грците се изненадно втори, имаат 12 бода од 6 меча а Холандија е трета со 9 бода но од 5 меча. Грција до крај ќе има тешка задача затоа што прво во Атина ја пречекува Холандија а потоа игра со Франција исто дома во ноември. Од овие два меча ќе зависи дали ќе го осигураат второто место.

Холанѓаните треба да играат со Грција, со Ирска и со Гибралтар до крајот од квалификациите.

Во Група Ц каде е и Македонија, Англија е прва со 13 бода од 5 натпревари, Италија втора со 10 бода исто од 5 натпревари, а Украина трета со 10 поени но со натпревар повеќе од Италијанците и Англичаните.

Македонија е четврта со 7 бода од 6 натпревари, а Малта последна без бодови. До крајот македонските фудбалери играат против Италија на гости и Англија дома и само првокласна сензација со две победи би овозможила да се вмешаме во трката за второ место.

Италија прво ја чека дерби со Англија на гости, па со Македонија дома и на крај со Украина (најверојатно во Прага).

 

Во Група Д ситуацијата е крајно замрсена. Таму единствено Турција избегна драма и како прва заслужено оди на Европско. Со новиот селектор Винченцо Монтела Турците остварија две важни победи, против Хрватска на гости 0:1 и против Летонија дома 4:0 и со 16 освоени бода обезбедија пласман на Евро 2024.

Одличен пат до Евро 2024 имаа и Турците кои ја победија Хрватска на гости, па Летонија дома и на веќе освоените бодови придодадоа уште шест нови, доволно за да бидат први во групата Д.

Во Група Е, Албанија направи најголемо изненадување и во конкуренција со Полска, Чешка, Молдавија и Фарски Острови е прва со 13 бода после 6 одиграни меча.

Албанците до крај имаат натпревари со Молдавија на гости и Фарски Острови дома во ноември и тогаш би требало и математички да се пласираат на Европско.

Велс ја победи Хрватска и сега овие две репрезентации имаат по 10 бода од 6 меча со тоа што Велшаните имаат подобар меѓусебен учинок и со две победи до крајот сигурно одат како втори на Европско. А играат со Ерменија на гости со Турција дома.

Група Ф

Белгија ја совлада Австрија 2:3 со нови голови на Лукаку и со 16 бода обезбеди сигурен пласман на Европско првенство.

Тука и Австријците се речиси сигурни во пласман затоа што имаат 13 бода, а третата Шведска има 6 бода но и меч помалку. Австрија играа со Азербејџан на гости и со Естонија на гости до крајот, а Швеѓаните ги очекуваат дуели со Белгија на гости, со Азербејџан на гости и со Естонија дома.

Група Г

Унгарците се први со 13 бода, Србија втора со 10, Црна Гора трета со 8 бода. До крајот Унгарците би требало рутински да го осигураат пласманот на Европско првенство затоа што гостуваат во Литванија, одат во Бугарија и завршуваат со Црна Гора дома.

Од друга страна, Србите до крајот ги очекуваат средби со Црногорците дома во Белград и со Бугарија дома во Лесковац и со два триумфи би се пласирале на големиот собир следната година.

Црна Гора верува дека може да изненади во Белград, а потоа ако би имала се во свои раце, да се обиде да ги совлада уште и Литванија дома и Унгарија на гости и да го задржи евентуалното второ место.

Група Х

Изненадно Словенците играат фантастични квалификации за Европско првенство и со 16 бода после 7 кола се први а исто и Данска има 16 бода но послаба гол разлика.

Трета е Финска со 12 бода, четврти Казахстан исто со 12 бода така што до крајот ќе биде многу возбудливо.

„Змајчеки“ треба да играат со Северна Ирска на гости во Белфаст, па со Данска на гости во Копенхаген и на крај дома против Казахстан. Од овие три меча ќе се знае дали Словенија после долго време ќе се појави на Европско.

20-годишниот Бенјамин Шешко кој е висок дури 1.94 сантиметри и е главна ѕвезда на германски РБ Лајпциг веќе постигна 4 гола со 2 асистенции на 6 меча во квалификациите и до крајот ако успее да ја предводи својата селекција до позитивни резултати против трите ривали од групата, Словенија заслужено би отишла на ЕП.

Група И

Романија после 8 меча има 16 бода и Романците се на прагот од голем успех, да обезбедат Европско првенство. Зад нив е Швајцарија која има 15 бода но и меч помалку а сигурно ќе се прашува нешто и Израел кој што има 11 бода од 6 меча и кој ако ги доигра останатите средби од циклусот (поради воениот конфликт во оваа земја УЕФА ги одложи на некое време нивните натпревар), би можело да има интересна разврска.

Група Ј

Португалија игра беспрекорно и под новиот селектор Роберто Мартинез освои максимални 21 бод од 7 одиграни меча со 25 постигнати голови и само два примени.

Тука за второ место верувале или не се борат Словачка, Луксембург и Босна и Херцеговина. Словаците вечерва ќе се судрат со Луксембург на гости, па ги чека Исланд дома и БиХ на гости. Босанците со новиот предводник Саво Милошевиќ вечерва ја чекаат Португалија, па одат во Луксембург и на крај на мегдан кој би можел да одлучува за второто место ја пречекуваат Словачка.

16 октомври 2023 - 10:42