
Интересно, само што францускиот центарфор Оливие Жиру го постигна голот со кој го олади жестокиот и преполн стадион во Неапол, дотрча до Португалецот Леао кој му асистираше откако го пречрта речиси половина терен, и зема да му ја чисти копачката во знак на благодарност.
Ова е олд-скул прослава на погодок која што за првпат ја демонстрираа фудбалери на Интер. Во знак на почит за мајсторство.
Сè се случи на денот на првиот дебитантски меч на големиот Роналдо за Интер на 31-ви август 1997-ма година на „Џузепе Меаца“ кога играа со Бреша.
Сите тогаш го чекаа со нетрпение моментот: најскапиот и најдобриот фудбалер на светот тогаш, да направи шоу и да постигне гол.
Но, Интер на десет минути пред крајот губеше со 0:1 (асистенција за гол на Бреша имаше младиот голобрад Пирло).
Нераѕурите од пораз ги спаси сјајниот Алваро Рекоба кој влезе во игра во 72-ра минута а во 80-та минута израмни со прекрасен гол од далечина во негов стил, а после само пет минути даде неверојатен гол од слободен удар за комплетен пресврт и победа. Два гола за пет минути.
Крилниот напаѓач на Интер во тоа време, Франческо Мориеро беше импресиониран од Уругваецот па клекна и на колено му ја стави копачката за да му ја забрише.
„Кеко ми кажа да му ја ставам копачката на колено, ама јас не знаев добро италијански и не сфатив што сака. Тогаш сам ми ја зеде левата нога, мислев нешто со врвците ќе прави, а тој почна да имитира како ми ја чисти. Тоа е најубавиот и најчовечки начин за прослава на гол. Само Кеко Мориеро можеше такво нешто да смисли“, раскажа подоцна Рекоба.
А авторот на оваа симпатична прослава, еднаш раскажал:
„Ни се допадна многу тој начин па често ја повторувавме, да ги полираме копачките на стрелецот на гол. Овој гест е за смирение, за признание, благодарност на соиграчот за фантастично мајсторство“.
Така Мореиро често му ги чистеше и на Феноменот Роналдо.
„Имавме прекрасна дружба ние двајца можеби зошто и двајцата сме израснати на улица, не доаѓавме од богати семејства. Бевме соседи и често се дружевме после тренинзи или натпревари“, додава Италијанецот за Бразилецот Роналдо.
После истата прослава ја правеше и Нигериецот Тарибо Вест.
Тие двајца исто многу другарувале. Рони еднаш рекол: „Кога имав 15 години игравме пријателски меч со младинската репрезентација У-20 на Нигерија, а во составот беше и Тарибо. Нигеријците беа многу брзи. И тогаш се случи јас и Тарибо Вест да си ги смениме копачките иако не се ни познававме“.
Оваа убава прослава подоцна го повторуваа многумина. На пример Серхио Рамос му ја полираше копачката на Тони Крос.
„Ми се допаѓа многу таа слика. Со Серхио многу се разбираме на прекини, на корнери. И Серхио знае дека не може да даде сам гол, туку му треба некој да му асистира, да му нафрли. Таквата прослава е знак на признание. Никој не може постојано сам да дава голови. Секогаш има врска меѓу играчите“, рекол Крос.
На Европското првенство 2016-та во Франција Дмитри Паје му ги чистеше на Антоан Гризман.
Во 2017-та Кореецот Сон ја повтори оваа прослава со неговиот пославен колега Хари Кејн со кого си поделија којзнае колку асистенции за гол.
Меѓу последните кои ја повтори оваа прослава беше и Душан Влаховиќ кој го испочитува големиот Анхел Ди Марија.
А Рафаел Леао во јануари годинава го направи овој гест со Сандро Тонали на првиот меч после долгата пауза за Светско првенство 2022.