Кој им ги украде на Вардарци дресовите од Рома?

Во 2003-та година Вардар се сретна со Рома во рамките на Купот на УЕФА. Одиграа две средби. После првата на враќање од Рим некој ги ограбил фудбалерите на Вардар. Веројатно на аеродром.

Ова е всушност она незаборавно жешко лето за навивачите на Вардар кои за влакно не се израдуваа на пласман во групната фаза од Лигата на шампионите.
 
Црвено - црните во првото квалификациско коло го елиминираа Бери Таун од Велс, во второ коло ја изненадија моќната ЦСКА Москва, а во трето коло за малку не ја минаа и Спарта Прага од која беа елиминирани со вкупни 5:4.
 
Вардарци од таму продолжија во првото коло од Купот на УЕФА, а за противник ја добија Рома со која одиграа двомеч и беа елиминирани со вкупни 5:1. На 24 септември 2003-та во Рим беше 4:0, а на реваншот во Скопје на 15-ти октомври мечот заврши 1:1.

Влатко Гроздановски кој лани се повлече од играње фудбал како член на Вардар, беше во нивниот состав и таа година. Тој е навивач на Рома и со својот пријател Илија Филиповски од група Маестро кој инаку навива за Лацио, во тв емисија зборуваат за страста кон фудбалот и нивната љубов кон двата клуба од Рим.
 
Гроздановски раскажува дека имал колекција од 20 дресови на Рома од кои десетина му се добиени од играчите. Но открива и една случка од тоа време. Фудбалерите на Вардар и Рома си размениле дресови на Олимпико, а на враќање од Италија некој им ги стопил.
 
Андегдотата е на 22:15

13 февруари 2018 - 14:05