Кој е блескавиот Аргентинец со британско презиме кој игра супер Светско

Еден од хероите на вредниот триумф на Аргентина над Полска (2:0) е 23-годишниот Алексис Макалистер, фантастичен фудбалер за кого многу гледачи никогаш не слушнаа пред Светското. Да го запознаеме од близу.

Аргентина на Светско дојде со речиси ист состав од последните неколку години. Тука се ветераните Меси, Отаменди, Ди Марија, Акуња, со по некој млад фудбалер. Оваа селекција пред сензационалниот пораз од Саудиска Арабија на отворање на Мундијалот, имаше серија од страшни 36 меча без пораз по ред!

Колку што играа бледо на стартот од турнирот во Катар, толку се подобрија во продолжение од истиот. Во второ коло под огромен и тежок притисок се изборија со тврдите Мексиканци и победија 2:0. Лео Меси беше творец на тој триумф кој им тргна стотина тони товар од грб.

Во последното коло „гаучосите“ ослободени од стрес, играа танго по теренот со Полска. Прв Полјаците ги начна Алексис Макалистер, млад фудбалер од премиерлигашот Брајтон. Буквално десетина секунди по стартот на вториот дел:

Импресија од британското презиме на овој фудбалер е првата реакција на секој кој го чита нивниот состав. 

ТАТКО МУ ИГРАЛ СО МАРАДОНА, КАНИЏА, ВЕРОН

 

Алексис Мак Алистер е роден на 24 декември 1998-ма година од мајка Силвина Риела и татко Карлос Хавиер Мак Алистер. Роден е во градот Санта Роза во Аргентина.

Роден е на ден пред Божиќ според грегоријански календар. Како најмал од тројцата браќа. Татко им по завршување на фудбалската кариера која му била одлична, влегол во менаџерски води а го влечел и политички живот.

Мајка им Силвина Риела е сопственичка на познат бутик во Аргентина, наречен Rielamac, бренд формиран од комбинација на презимињата на родителите на Алексис.

Алексис Мекалистер потекнува од фудбалско семејство. Татко му Карлос Хавиер „Колорадо“ играл лев бек и во репрезентацијата и во Бока делел соблекувална со големиот Диего Армандо.

За малку „Колорадо“ (прекар поради црвената боја на коса) не се нашол на списокот од 23 фудбалери за Светско 1994-та кај селекторот Коко Базиле. Ама тоа што на Карлос не му успеало, му појде од рака на син му, го оствари сонот да заигра на Мундијал.

Чичко му Патрисио исто бил професионален фудбалер, а браќата на Алексис, Френсис и Кевин играат за локалните клубови Таљерес и Архентинос Хуниорс.

ПОЧЕТОЦИ ВО НАЈПОЗНАТАТА ШКОЛА ВО ГЛАВНИОТ ГРАД

Кога малиот Алексис имал пет години, со браќата дошол да тренира во една од најпознатите школи за фудбал во Буенос Аирес - Club Social y Deportivo Parque.

„Таму пораснале многу играчи: Тевез, Камбијасо, Рикелме... Јас бев дете и многу научив. Трениравме таму два пати неделно, таму стекнав љубов кон играта. Има татковци кои просто сакаат нивните деца да заработат на фудбал а тоа не чини. Може да кога ќе пораснеш и тоа ти стане норма зошто фудбалот е веќе работа и да се игра за пари е во ред. Но мора и да уживаш. Тоа се принципи“, вели Мекалистер, новата ѕвезда на Аргентина.

Алексис не играл за пари. Заедно со браќата гледал Премиер лига на телевизија во Буенос Аирес и навивале за Карлос Тевез и Серхио Агуеро.

„Знаев дека е тешко да се адаптираш физички на овој фудбал. Но издржав. Прво сакав да го подобрам англискиот јазик а после да ја средам физичката форма. Се чуствував одлично, но не баш многу играчи доаѓаа од Аргентина веднаш во Англија. Чувствував разлика“, рекол Мекалистер кога потпишал договор со англиски Брајтон.

ДОЈДЕ ВО БРАЈТОН КАКО ПРАВА ДЕСЕТКА, А ТРЕНЕРОТ ПОТЕР НАПРАВИЛ ОФАНЗИВЕН БЕК ОД НЕГО

Од 2016-та до 2019-та Алексис Макалистер играл во родниот Архентинос Хуниорс. За брзо време станал најдобар играч во екипата и го забележале европските клубови. Алексис се сеќава дека долго време чекал понуда кога во еден момент дошле „бубалиците“ од Брајтон опседнати со статистика.

Макалистер не жалел за ништо.

„Играв во Архентинос Хуниорс а Брајтон дојде по мене во Аргентина. Разговараа со мене и мојот менаџер и кажаа дека одамна сум им на списокот најдобри фудбалери до 21 година по статистика. И дека сакаат да прејдам кај нив. Брајтон многу работи со цифри. Знаев дека ќе го направам правилниот чекор“, се сеќава Алексис пред првпат да замине за Европа.

Во јуни 2019-та Алексис Макалистер доаѓа на позајмица од Брајтон во Бока Хуниорс, со цел да се кали уште пред да замине во силната Премиер лига. Тука се среќава со неговиот идол Карлос Тевез, жива легенда на Бока. Во клубот од „Бомбонера“ дошол со брат му Кевин кој исто дошол на шестмесечна позајмица.

Алексис блеснал уште на дебито за Бока кога го постигнал победничкиот гол на првиот меч од осминафинале на Копа Либертадорес против бразилски Атлетико Параненсе. Во Бока се задржал неколку месеци, одиграл 13 меча и му останал само тој еден единствен погодок пред да се пресели конечно во Англија.

ОД КАДЕ МУ Е ПРЕЗИМЕТО И ЦРВЕНАТА ГЕНЕТСКИ НАСЛЕДНА БРАДА?

Права реткост е да се види Аргентинец со британско презиме и особено со рижа, црвеникава боја на коса.

Работата е во тоа што на крајот од XIX век токму Шкотланѓани го создавале аргентинскиот фудбал. Во првите десет години во репрезентацијата на Аргентина имало многу британски презимиња, но набрзо сите ги замениле со аргентински презимиња.

„Не знам искрено дали во мене има нешто шкотско, но моето далечно семејство било од Ирска. Не размислувајте, презимето е ирско“, вели Алексис кој со Меси блеска на Светското 2022 во Катар.

(постои верзија дека далечните предци веројатно му потекнуваат од Фајв, еден од 32 окрузи во Шкотска кој има население од 367.000 жители)

Во англиски Брајтон не се навикнал брзо. Првата сезона ја потрошил во адаптација на новиот брз фудбал а веќе во втората сезона заиграл стандардно кај менаџерот Грем Потер (сега менаџер на Челси).

 Најинтересно е што Алекс Макалистер во Брајтон дошол како класична 10-ка, техничар со прекрасен сенс за топка, но тренерот Потер го вратил поназад во одбрана.

„Играње на нова позиција е голема промена за Алексис но тој го има потребниот интелект. Може да додава во трк и одличен е во дуели. Сјаен играч“, рекол сегашниот тренер на Челси.

Адаптацијата на Алексис ги воодушевила сите.

„Тој е десетка иако сега игра како шестка. Тоа се тотално различни улоги, но Потер во него виде потребни квалитети. За оваа трансфорамција заслужен е токму тренерот но и играчот мора да се потруди“, рекол бекот Велтман.

ИМА МНОГУ ТОПОЛ ДРУГАРСКИ ОДНОС СО МЕСИ

Првпат повик за силната репрезентација на Аргентина, Алекс Макалистер добил во 2019-та. Но тоа било само тогаш и подоцна го немало цели две ипол години. Не го викале.

Талентот од Брајтон повторен повик од федерација добил на почетокот на 2022-ра. Селекторот Лионел Скалони барал алтернатива за повредениот Ло Челсо од Виљареал и се потпрел на ултра добриот Макалистер.

Алексис бил пресреќен.

„Да се игра со Меси е сон. Првиот пат тоа беше лудо. Да бидам искрен, не зборував многу со него надвор од теренот зошто сум многу срамежлив и не сакам да го вознемирувам. Многу е мил, тивок, добар со сите“, вели Макалистер.

А токму најдобриот фудбалер на сите времиња според многумина, лично му помогнал на младиот Макалистер. Во едно интервју за The Athletic, Алексис се сеќава дека Меси го бранел него од закачките и мајтапите на соиграчите во репрезентација.

„Ме викаа црвен (поради бојата на косата). Не ми се допаѓаше тоа и се лутев. Тогаш настапи Лео. Тој е авторитет за сите! Им кажа дека не ми се допаѓа тоа и од тогаш сите прекинаа. Среќен сум што ми помогна“, се сеќава Макалистер на првите денови во репрезентацијата која што сега ја однесоа со Меси во осминафинале.

Следен предизвик им е Австралија.

Лео и Алекс Макалистер одново ќе ги поведат „гаучосите“ во нова битка кон врвот кој го сонуваат милиони Аргентинци. 

1 декември 2022 - 12:12