Според најавите Мундијалот ќе се игра во јануари 2017 година во Мексико, а ќе учествуваат 6 европски земји: Холандија, Германија, Италија, Шпанија, Франција и Англија, потоа 4 американски: Мексико, САД, Бразил и Аргентина и по една од Африка и Азија, а тоа се Јужна Африка и Јапонија.
Предвидено е да се одиграат 20 натпревари во период од две недели без лимит на вршење измени, а еден меч би траел 60 минути. Зад организацијата стои Aspire4Sport кој е во сопственост на владата на Катар, а целата идеја е хуманитарна и парите би се доделиле на мексикански фондации.
Селектор на Мексико ќе биде легендарниот голман Хорхе Кампос кој играше на СП 1990 и кој нема право на настап бидејќи има 48 години, а неговата желба е да ги види Зидан, Бекам и Роналдо.
Од можните ветерани во Мексико можно е да се појават следниве легенди. За Англија Дејвид Бекам кој тогаш би имал 42 години и тоа би било одличен избор за капитен на Гордиот Албион.

За Французите очекуваме да се појави Зинедин Зидан кој редовно игра на хуманитарни натпревари каде ја одржува формата и кој ете му шанса за уште едно Светско првенство по неславното кога му удри глава на Матераци. Зидан во 2017-та ќе има 45 години.
Шпанија може тогаш да го има Раул кој со 38 години уште е активен фудбалер и настапува за Њујорк Космос. Во Мексико може кам бек да направи Роналдињо кој сега има 35 години и кој до скоро настапуваше во нивното првенство.
Во Англиската фудбалска репрезентација на Бекам може да му прави друштво поранешниот колега од Манчестер Јунајтед, Пол Сколс кој тогаш би имал 42 години. Сколс е ко-сопственик на полупрофесионалниот клуб Салфорд Сити.
По егзибициони натпревари редовно го има и Кларенс Сидорф кој се пензионираше во 2014-та и кусо време беше тренер на Милан. Тој сигурно би бил еден од водечките играчи на селекцијата на Холандија.

Италијанската фудбалска репрезентација од легендите го има Алесандро Дел Пјеро кој и покрај тоа што има 40 години сè уште не оди во пензија. Лани настапуваше во Индија, а за Италија има постигнато 43 голови.
Од Бразил не е за испуштање Роберто Карлос кој моментално е тренер на Делхи Динамос во Индија каде играше Дел Пјеро. Со 44 години ќе биде интересно да видиме дали уште го има осетот за слободни удари.
Лидер на селекцијата на Германија може да биде Михаел Балак кој се повлече во 2012-та како играч на Баер Леверкузен. Тој никогаш нема освоено Светско првенство, а за две години би имал 41 година.
Последен пат го облече националниот дрес во 2007 година за време на Копа Америка, а инаку е трет најдобар стрелец за репрезентација и еден од најдобрите странци кои играле во Серија А. Хернан Креспо во моментов работи како тренер на второлигашот Модена.