Кога игра Хајдук, во Сплит е празник

Хајдук синоќа го пречека ПАОК во квалификациски меч од Конференциска лига, трето по ранг натпреварување во Европа. Некој да види што приредија навивачите, а да не знае за што играле, ќе мисли ова е финале во Лига на шампиони.

Во Сплит беше и старо и младо на нозе за својот Хајдук кој беше домаќин во третото квалификациско коло од Конференциска Лига против ПАОК, конечни 0:0.

Клубот е дефинитивно религија за овој град каде атмосферата е посебна. Почна со огромно кортео и песни на славната Торцида, па продолжи со штосна кореографија, многу навивање и бакљада. 

Пред нецели две недели, навивачите на Хајдук имаа купено 84.149 членски карти, а денеска таа бројка изнесува 91.254. За клупската каса на клубот тоа се скоро 1,5 милиони евра.

Членските служат за прв да дојдеш до карта за натпревар и до ексклузивни производи, како и за попусти на купување годишна влезница, во фан и веб шоповите, фотографирање на стадионот Пољуд по повод венчање, па дури и учество на избори за бирање на членови на Надзорен одбор.

Чинат 20 евра, а за лица до 18 години и над 65 години изнесуваат 10 евра, плус има попусти и за семејни членски. Членска од Хајдук може да се извади дури и за новороденче.

На квалификациски меч за трето европско натпреварување по ранг, Хајдук привлекол 33.573 гледачи или 1.000 повеќе од најгледаниот нивни натпревар минатата сезона.

Внимавајте добро на бројките. Зборуваме за град со 161.312 жители кој го полни стадионот, а има ист капацитет колку нашиот во Скопје. 

Скопјани кои навивате пасивно за Вардар погледнете како се сака Хајдук 

11 август 2023 - 09:00