Кое е чудото од дете од Бразил за кое Реал Мадрид дава 60 милиони

За време на Светското првенство се појави вест дека кралскиот клуб прави трансфер на 16-годишниот Ендрик од Палмеирас. Овој чудесен талент го нарекуваат идна мегаѕвезда. Во Мадрид ќе пристигне во јули 2024-та а Реал за него платил 35 милиони плус 25 милиони за бонуси.

На 19 јануари годинава во четвртфинале на Копиња - младинското првенство на Сао Пауло играле Палмеирас и Оесте. На трибините имало повеќе скаути отколку навивачи. Со тефтери во раце дошле луѓе од Барселона, Ливерпул, Арсенал, Манчестер Сити, Ајакс, Бенфика, Саутемптон и други.

Во фокус на сите им бил 15-годишниот Ендрик.

Игра во нападот, центарфор и играл против 4-5 години повозрасни фудбалери. Но и покрај тоа до тој меч со Оесте веќе постигнал 4 гола. Таков старт на Копиња немал ниту Нејмар на времето.

Во 13’ минута од дуелот со Оесте Ендрик постигнал прекрасен гол со полу-ножички и ги воодушевил сите присутни.

„Повторно тој. Има 15 години. Можно е да гледаме раѓање на посебен талент“, напиша Гари Линекер на твитер.

Меѓу анализите за него, таткото на малиот Ендрик, Дуглас Соуза во интервју за ЕСПН рекол: „Не знам дали приметивте, но Ендрик во тој момент се направи со свое чувство. Шутна без да гледа во голот, веќе знаел дека голманот е малку излезен и сфатил дека може да даде гол. Такво нешто можат само врвни играчи“.

Ендрик дал гол и во финалето на Копиња каде Палмеирас го развалил Сантос со 4:0. После 6 гола на 7 меча со далеку повозрасни соиграчи го прогласиле за најдобар играч на турнирот.

ТАТКО МУ СТАВАЛ ВИДЕА СО ГОЛОВИ НА ЈУТЈУБ ЗА ДА МУ НАЈДЕ КЛУБ

Дуглас Соуза на времето исто сакал да стане професионален фудбалер. На 15 години од Бразилија дошол во Сао Пауло за да оди на проба во некој клуб но не успеал и не потпишал договор.

„Моите родители се радуваа. Немам татко и немав никој во тешките моменти кога треба да имаш човек што ќе те поддржи и кога треба да се донесе одлука. Тогаш сфатив дека во светот на фудбалот е многу важно да те опкружат прави луѓе и семејството.

Затоа сакав секогаш да бидам со син ми како и жена ми. Секогаш ќе бидам тука зошто мене тоа ми фалеше во младоста. Многу беше болно да се расте без татко и не допуштам син да ми помине низ тоа“.

Ендрик почнал да ја тркала топката кога имал 4 години, а на 6 веќе се гледало дека се двои по талент од другите деца. Кога татко ми сфатил дека Ендрик е талентиран, се завземал за кариерата на син му.

Снимал видеа со негови голови за Јутјуб со цел да ги заинтересира најдобрите бразилски клубови.

И му успеало. Сао Пауло и Коринтијанс биле спремни да му плаќаат на Ендрик стипендија од 150 реали (околу 30 долари), а Сантос му понудил проба но да дојде на негова сметка. Идеална понуда уште немало, а во еден момент се вмешал Палмеирас кој бил спремен Ендрик да го смести во стан со семејството близу базата и да го запише во школо.

„Тоа беше единствено што барв. Нам ни требаше само тоа, да одиме со него“, рекол татко му.

И така, малиот Ендрик на 10 години се нашол во силната академија на славниот Палмеирас.

РАСТЕЛ ВО СИРОМАШТИЈА, ЕДНАШ ПЛАЧЕЛ ПОРАДИ ГЛАД

Претходно во Бразилија семејството на Ендрик живеело многу бедно.

„Памтам еднаш како седев на креветот и Ендрик ми кажа: „Тато сакам да јадам“. Ни во фрижидер ни во полиците немаше ништо. Но тој бараше и бараше и бараше. Му реков дека нема ништо и заплакав. Заплака и Ендрик и ми кажа: „Тато, ќе станам фудбалер и ќе успееме“, раскажал татко му во интервју за Lance.

А новата мегаѕвезда меѓу младите фудбалери, Ендрик во интервју за The Athletic вели: „Беше тешко. Прв збор што ми паѓаше на памет беше сила. Мораше да се биде силен за да се преживее и да се помине низ тоа низ што поминав јас“.

Првите пола година далеку од дома, во Сао Пауло родителите на Ендрик не можеле да најдат работа, па продавале прженици на метро станицата „Бара Фунда“ за да заработат некој денар.

„После преселбата беше многу тешко. Памтам дека дури и размислувавме да се вртиме дома, но решивме да останеме за среќата на синот. Понекогаш плачев но без Ендрик да ме види“, вели мајка му Синтија.

 

Татко му Дуглас Соуза додава:

„Жена ми дојде прва, а јас останав во Бразилија за да играм фудбал и да им праќам пари. Во Сао Пауло таа купувала брза храна, леб... Просто нешто да јадат. Јас отидов после пола година. Имавме многу потешкотии: станувавме во 4:30 наутро, спремавме кафе и бисквити, ги стававме во торба и после ги продававме во метро. Имавме пари за ориз и такви нешта, но недоволно. Кога ќе заработевме некоја пара, одевме на пазар и купувавме поевтини работи за да заштедиме“.

Кога дознале за тоа од клубот Палмеирас, го викнале татко му на Ендрик и го вработиле да биде домар и чистач во клупската база.

Понекогаш Дуглас Соуза користел прилика да руча или појадува со играчите на првиот тим и секогаш земал само супа. Тоа го зачудило познатиот голман на Палмеирас, Жаилсон кој еднаш седнал до него и го прашал, што е работата што земаш само супа? Овој му одговорил дека не можел да џвака зошто има само седум заби. Голманот веднаш решил да му помогне и му платил третман на стоматолог каде му ги направиле сите заби.

Благодарение на некогашниот играч на Интер и Јувентус Фелипе Мело, Ендрик добил и технички спонзор.

„Палмеирас ни ја отвори вратата и мораме да му бидеме благодарни на овој клуб. Ми дадоа сè! Нивната помош беше неопходна за нашиот живот“, вели Ендрик, новата ѕвезда на бразилскиот фудбал.

165 ГОЛА НА 169 НАТПРЕВАРИ ЗА МЛАДИНЦИТЕ

Кога Ендрик имал 10 години тој играл за тим за деца до 11 години на некој локален турнир. Го пуштиле на 10 минути до крајот. Палмеирас губел со еден гол разлика. Ендрик прво го израмнил резултатот а потоа пред самиот крај издриблал пола противнички тим и дал победнички гол.

„Тогаш првпат помислив сериозно: „Да, он е посебен“.

На 14 години Ендрик дебитирал за Палмеирас У-17, а на 15 години за силната категорија У-20 со дури пет години повозрасни фудбалери.

Во 2021-ва година Ендрик станал прв кој играл во финалните завршници на младинските категории во Сао Пауло за три возрасни категории во една сезона: У-15, У-17 и У-20.

Севкупно чудесниот талент постигнал 165 гола на 169 меча за младинските категории на Палмеирас!

„Ендрик веднаш се истакна. Веднаш по прекомандата постигна гол со Сантос со ножички во првиот меч од плејофот на државното првенство за играчи до 11 години. А на вториот меч кој го гледааа дури 22.000 гледачи даде гол за победа и ни го донесе трофејот. Спремен е за секој предизвик. Ендрик е буквално чудо на природата. Водата секогаш тече надолу, пламенот секогаш гори на врвот. Така и тој - не е можно да го задржиш“, вели Жоао Пауло Сампајо, координатор во академијата на Палмеирас.

„Он може да достигне неверојатно техничко ниво и да стане најголемо откритие после Нејмар. Но мора да се заштити од тоа што ќе го опкружува“, вели некогашниот центарфор на репрезентацијата на Бразил Валтер Казагранде во колумна за Globo Esporte.

Ендрик првпат дебитираше за првиот тим на 7 октомври 2022-ра кога влезе во 21 минута од мечот Палмеирас - Куритиба (4:0). На 16 години, 2 месеци и 16 дена стана најмладиот дебитант во вековната историја на Палмеирас.

Брзо дојдоа и првите голови за прв тим во сениорски фудбал. На 26 октомври Ендрик од клупа за резерви влезе на мечот Палмеирас - Атлетико Паранаенсе (3:1) и постигна два брзи гола.

Само еден играч во историјата на бразилското првенство на така рана возраст постигнал гол - Тонињо во 1978-ма (Ендрик имаше 16 години, 3 месеци и 5 дена кога го даде првиот гол, а Тонињо имал 15 години, 9 месеци и 16 дена).

На следниот меч од првенството, Ендрик за првпат заиграл од почеток како стартер и повторно дал гол. Палмеирас убедливо славел 4:0 против Форталеза.

„Жал ми е што уште долго нема да можеме да се насладуваме на играта на Ендрик во Бразил. Тој ќе ги надмине Ромарио и Роналдо“, го најавил неговиот трансфер некогашниот фудбалер на Коринтијанс и репрезентацијата на Бразил, Жозе Фереира Нето во емисијата Rede Bandeirantes. 

СИТЕ ДЕЦА ГИ ОБОЖУВААТ МЕСИ И НЕЈМАР, А ЕНДРИК ПОРТУГАЛЕЦОТ РОНАЛДО

Идол на Ендрик е Кристијано Роналдо. Вели дека го избрал него зошто е ладнокрвен на терен.

„Многу е мирен пред голот. Треба да учам од него. Пред натпреварите размислувам за Кристијано и за Бразилецот Роналдо. Се трудам да ги следам нив. Кога натпреварот оди многу тешко, барам од дечките да ми додадат зошто го имам тој дух. Сакам да давам голови. Секогаш сакам повеќе“, вели малиот Ендрик.

„Кога Ендрик имаше 15 години, сите лудуваа по Нејмар и Меси, а тој викаше дека негов идол е Кристијано зошто е робот. Тој е професионалец кој сака предизвици. Кристијано е пример за Ендрик. Син ми ми викаше дека сака да испише историја како него. Ендрик е концентриран на теренот, не дозволува да губи топка, дава 110%... Како машина. Кога дава гол, сака и втор. Што потешки задачи, толку повеќе сака така“, раскажува таткото на Ендрик, Дуглас Соуза.

А еден од неговите први тренери, Сампајо, додава:

„Знам дека Кристијано Роналдо му е омилен играч, но никогаш не зборувал пред мене. Мене ми личи на Ромарио и не толку на Роналдо. Левоног е, со одлична техника и снага, а тоа му е генетски. Од физичка точка на гледање он е чудо. На свои години може да развие брзина од 36,5 км/ч, на што малку кој е спремен. Многу е експлозивен. Покрај тоа, редовно гледа снимки од врвните фудбалери со цел да биде уште подобар“.

Реал Мадрид бил најконкретен во понудата, а Реал важи за Мека и Медина за најталентираните бразилски фудбалери. Најголем и најтрофеен клуб на светот.

Кралевите платија 35 милиони сега на Палмеирас и плус уште 25 милиони од евентуални бонуси како и 12 милиони за даноци/налози. За играч под 17 години уште никој не платил толкава сума.

„Не сакам да лажам, сонував за тоа пред спиење. Но кога тоа ќе помине, се враќам на своите мисли во сегашноста. Се трудам да не размислувам на иднината. Ако се фокусирате на сегашноста, иднината побрзо ќе дојде“, заклучува 16-годишниот Ендрик, новата идна ѕвезда на светскиот фудбал.

27 декември 2022 - 09:37