На денешниот тренинг на Барселона се појавија околу 10.000 навивачи за да ги поздрават Алеикс Видал и Арда Туран, единствените две засилувања во првиот тим на Барселона кои пристигнаа од Севиља и Атлетико Мадрид.
Видал и Туран се во клубот од минатото лето, но немаа право на настап поради забраната за трансфери на Каталонците. Турскиот репрезентативец пристигна за сума од 34 милиони евра, а Шпанецот за двојно помалку пари. Тие ќе имаат право на настап уште вечерва против Еспањол во Купот на Шпанија.
Петмина нови колеги ќе добие Давид Бабунски во Б тимот на Барселона, а сите останати нови играчи кои денеска се официјално регистрирани ќе бидат дел од младинскиот погон.
ФИФА и одреди казна на Барселона од 14 месеци поради кршење на правилата за трансфери за играчи под 18 години и тие немаа право да регистрираат фудбалери во претходните два преодни рокови.